Ангеловска-Бежоска: Економските фундаменти оставаат простор за понатамошно водење олабавена монетарна политика

Економските фундаменти оставаат простор за понатамошно водење олабавена монетарна политика, порача гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ во Виена, еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите. На овој годишен настан редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори.

На првата панел-дискусија посветена на монетарната политика, како што информираат од НБ, таа се осврна на тековната и идната поставеност на монетарната политика во регионот и во земјата, евроизацијата и улогата на  процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ) во градењето на институционалниот капацитет.

Во дискусијата, Ангеловска-Бежоска говореше за амбиентот на исклучително ниски каматни стапки на централните банки и за очекувањата за продолжување на стимулативната монетарна политика во развиените земји, со оглед на ниската инфлација и очекуваното забавување на растот. Таа нагласи дека со оглед на силните трговски и финансиски врски со еврозоната, понатамошното олабавување од страна на Европската централна банка е еден од факторите којшто може да придонесе за понатамошно олабавување на монетарната политика и на централните банки во регионот. Воедно, стави акцент и на монетарната политика на нашата централна банка, којашто во изминатите неколку години постојано се олабавува, што придонесува за намалување на цената на финансирањето на корпоративниот сектор и домаќинствата, како и за раст на кредитната активност.

Според Ангеловска-Бежоска, за разлика од дел од развиените економии каде каматните стапки се околу нулата, во нашиот регион, каматните стапки на централните банки и понатаму се позитивни, што во зависност од специфичните околности во секоја економија покажува дека просторот за монетарната политика во овие земји веројатно е поголем.

Во однос на прашањето за евроизацијата, гувернерката изјави дека таа е присутна во нашата земја, но е пониска во споредба со други земји од регионот. Во изминатиот период се забележува позитивен тренд на нејзино постепено намалување, особено во периоди кога нема позначајна економска или политичка нестабилност. Таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе презема мерки за понатамошно намалување на степенот на евроизација, со што би се зголемила ефективноста на монетарната политика. Притоа, укажа и на Стратегијата за денаризација во која се вградени повеќе мерки за нејзино зголемување, што е впрочем нагласено и во рамките на економскиот дијалог со ЕУ.

Ангеловска-Бежоска во дискусијата се задржа на подготвителните активности во рамки на процесот на пристапување кон ЕУ. Овие активности, подолг временски период, претставуваат една од битните алатки за дефинирање и спроведување на дел од структурните и институционалните реформи во земјата. Гувернерката истакна дека Народната банка од самиот почеток е активно и директно вклучена во овој процес, особено во приближувањето кон легислативата и нормите на ЕУ преку повеќе платформи, а првенствено во деловите поврзани со економската и монетарната унија, статистиката, платежните услуги и слободното движење на капиталот .