Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Јерн Јелстад, новоименуван амбасадор на Кралството Норвешка за Република С.Македонија, со седиште во Белград.
Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на церемонијата на предавање на акредитивите истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи, двете држави во континуитет градат пријателски и партнерски односи и дека е постигнат успешен развој на билатералните односи во повеќе сфери на општественото живеење. Претседателот изразил очекување за интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа, како и збогатување на соработката во сферата на економијата, инвестициите, екологијата, туризмот и други сфери од заемен интерес.
-Наскоро, Северна Македонија и официјално ќе стане 30-тиот член на НАТО Алијансата и сигурен сум дека во иднина тоа ќе претставува дополнителен мост на поврзување меѓу Република С. Македонија и Кралството Норвешка како партнери и сојузници, посочил Пендаровски.
Претседателот изразил голема благодарност за конзистентната поддршка од пријателска Норвешка, која e силен промотор на евроатлантските интегративни процеси и истакна дека Република С. Македонија останува посветена на остварувањето на своите стратешки приоритети.
-Убедени сме дека европската и евроатлантската перспектива е гаранција за просперитет, стабилност и благостојбата на Балканот. Во овој контекст, високо го цениме интересот и присуството на Норвешка не само кај нас, туку и во целиот регион, истакнал претседателот Пендаровски во својот говор.
Амбасадорот Јелстад нагласил дека билатералните односи се одлични и продолжуваат да се развиваат на многу цврста основа на историското пријателство меѓу двете земји и нагласи дека е постигнат напредок во областа на економијата.
Тој, посочувајќи го заедничкото распоредување во ИСАФ, како важен елемент за натамошно зајакнување на одличните билатерални односи, оценил дека реформите во одбраната се високо на заедничкатa агенда на двете земји. – Норвешка со нетрпение очекува да и посака добредојде на С. Македонија како 30-та членка на НАТО, изјавил новоименуваниот амбасадор на Кралството Норвешка.
Амбасадорот Јелстад нагласил дека во изминатите 19 години, Норвешка обезбеди повеќе од 125 милиони евра помош за С. Македонија и дека ќе продолжи да ги поддржува напорите на земјава за евроатлантска интеграција преку заеднички програми во рамките на клучните општествени сектори.
Претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посакал многу успех и добро здравје во извршувањето на одговорната дипломатска функција, стои во соопштението.