Седници на собраниските комисии за финансирање и за образование

Во Собранието на Република С. Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за финансирање и буџет, и за образование, наука и спорт.

На Комисијата за финансирање и буџет на дневен ред се 18 предлог-законски текстови во прво читање. Пратениците треба да ги разгледаат измените на законите за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, за игрите на среќа и за забавните игри, за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост,  за стоковите резерви,  за пријавување и евиденција на обврски,  за административните такси,  за експропријација и на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, сите во прво читање.

На дневен ред се и измените и дополнувањата на законите за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за буџетите, за јавен долг,  за регистрирање на готовински плаќања,  за даночна постапка, на за комуналните такси, за придонеси од задолжително социјално осигурување и на Законот за даноците на имот и на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, исто така во прво читање.

Собраниската Комисија за образование, наука и спорт треба да се изјасни за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“, во прво читање, поднесен од пратениците Рубин Земон, Лилјана Поповска, Ѓулумсер Касапи, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Сашо Василевски, Жаклина Лазаревска, како и за Предлог законот за изменување на Законот за учебници за основно и средно образование, во прво читање, поднесен од Енес Ибрахим и Јусуф Хасани.