Мизрахи: Нема да дозволам никој да го обележи мојот народ како антисемитски

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи смета дека е срамно во политичка битка да се користат националната, етничката или верската припадност. Таа е горда на своето потекло, но вели, „Република Македонија е нејзин дом и нема да дозволи некој да го обележи народот како антисемитски“.

Таа појасни дека е родена и порасната во земјава, дека потоа заминала во странство каде го продолжила образованието и оти се вратила пред неколку години .

– Јас сум од оние луѓе коишто се вратија дома. Македонија е моја држава. Јас сум дома и ова е мој народ. Нема да дозволам никој да го обележи мојот народ како антисеменски народ. Јас сум растена во средина во соживот и со Македонци, Албанци и со Турци, Срби, Бошњаци, со луѓе од различни етнички, национални и верски припадности. Никогаш тоа не било прашање. Никогаш не ми се поставило прашањето на моето име. Конечно на ниеден од јавните личности во политиката не се постави прашањето од која национална етничка или верска припадност е. Дали ќе беше спорно доколку бев Србинка, Влаинка, Турчинка… Антисемитизам во оваа држава ниту постоел, ниту постои, рече министерката за Мизрахи, одговарајчи на новинарско прашање во врска со одредени напади на социјалните мрежи поврзани со нејзината етничка припадност.