Во Охрид почнаа подготовките за Водици 2020

Во Охрид почнаа организациските подготовки за најмасовната манифестација што се одржува во градот, осветувањето на езерските води по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

Градоначалникот Константин Георгиески на денешната прес-конференција истакна дека во духот на православието и традицијата, со Божја помош Охрид и оваа година ќе биде центарот на одбележувањето на големиот празник Водици.

– Манифестацијата е од исклучително значење за нашиот град, дотколку повеќе што годинава се одбележува 30-годишен јубилеј од првата масовна организација на овој празник на Градското пристаниште. Затоа и оваа година максимално сме посветени на подготовките и внимателно ги планираме сите детали, за и оваа година да имаме величествен ден, народен собир достоен на значењето и вредностите на овој голем празник, рече Георгиески.

Тој појасни дека и оваа година организацијата ќе биде составен од два дела, првиот е оној верскиот што согласно православните начела го спроведува Дебарско-кичевската епархија, додека вториот односно граѓанскиот го координира Општина Охрид, а се однесува на целокушната организација на настанот со пропратната програма.

– Со оглед на тоа што празникот е во викенд, очекуваме голем број гости од земјата и странство, со исполнетост на сместувачките капацитети. Со цел да ги поддржат Богојавленските чествувања и да придонесат за поголем број гости, охридските хотели и годинава нудат сместување по симболична цена од 15 евра на ден во периодот од 16 до 20 јануари, рече Георгиески.

Во насока на збогатување на содржините за гостите, Општина Охрид организира голем концерт на балканската музичка ѕвезда Петар Грашо, на 18 јануари во 20 часот на Градскиот плоштад. Чествувањата и обичаите поврзани со Водици во Охрид продолжуват и на 20 јануари, прославувањето на празникот Свети Јован Крстител и уникатната манифестација Денот на рибарите. Традиционалното капење на рибарите ќе биде надополнето со повеќе културно-забавни содржини и концерт на македонската фолк-ѕвезда Миле Кузманоски. И оваа година на Малиот плоштад ќе се приготвува рибна чорба во голем казан, што бесплатно ќе се послужува на гостите.

Илија Ристески од Дебарско-кичевската епархија по однос на верскиот дел од програмата на годинешното одбележување на Богојавленскиот водосвет рече дека во сите парохиски цркви на 19 јануари од 7 часот ќе се служат утрински богослужби, додека централната архиерејска литургија ќе се одржува во „Света Богородица – Каменско“ од 8:45 часот. Од 9:45 часот литијата ќе се упати кон Градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се изврши Големиот богојавленски водосвет и ќе биде положен чесниот и животворен крст во осветените води на Охриското Езеро. Пријавувањето на сите верници што планираат да влезат во езерските води ќе се врши во сите цркви на епархијата од 16 јануари, а за сите нив се обезбедени пригодни флаери со информации, како и маици.

Екипи на охридските јавни комунални претпријатија, како и нуркачи од Клубот за подводни активности, од 16 јануари почнуваат со дислокацја на пловните објекти од Пристаништето, како и чистење на пристапните делови на брегот на езерото, така и на езерското дно.

За безбедноста на капачите кои ќе скокаат по Светиот крст ќе се грижат четири екипи спасители на вода со два чамца, три нуркачки екипи и осум медицински екипи распоредни долж брегот и на Градското пристаниште. Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското Езеро кај пристаништето што моментално изнесува 6,5 степени и очекуваната ниска температура на воздухот, апел за пратпазливост до оние кои ќе влегуваат во вода да се воздржат од намерата доколку чувствуваат слабост, додека за оние што ќе решат да се искапат да не се задржуваат во вода подолго од пет минути. Истовремено се предупредуваат верниците воопшто да не консумираат алкохол пред влегување во вода, како и претходно да обезбедат сува облека и обувки за откако ќе излезат од езерото. Организирано за сите нив ќе бидат обезбедени основни лекарски прегледи за да се утврди нивната физичка подготвеност за влегување во вода, како и пристапна рампа за влез на лица со попреченост во осветените езерски води.

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст.

Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Toj важи за еден од најголемите христијански празници. Со него завршуваат 12-те т.н. некрстени денови и циклусот зимски празници како Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и други. На Богојавление на полноќ се верува дека се отвора небото, се појавува Бог, а луѓето му се обраќаат за да им ги исполни нивните желби. Во тој миг водите престануваат да течат и стануват лековити.