Не може да прифатам во ова време кога Македонија веќе де факто е членка на НАТО, за министер за внатрешни работи кој треба да биде цивил и каде треба да имаме цивилна контрола, да се предлага офицер, генерал или полковник. Тоа е обид за милитаризација на нашата држава и тоа може да има негативни далекусежни последици по вкупните состојби во државата.
Ова го истакна националниот координатор за намалување на ризици од несреќи и катастрофи Павле Трајанов на денешната Панел дискусија во Скопје на тема „Идните чекори после пристапувањето во НАТО“, коментирајќи го предлогот на опозицијата армискиот полковник Драган Ковачки да биде технички министер за внатрешни работи во техничката влада за предвремените парламентарни избори.
Трајанов се осврна и на настаните од 27 април и од Диво насеље, потенцирајќи дека никогаш не била направила анализа за тоа кој се бил вклучен во тие подготовки и кои кадри директно на еден или друг начин биле вмешани во двата случаја.
– Дел од кадрите кои се регрутираа во Министерството за одбрана, во Армијата на нашата држава, во МВР, посебно во тајните служби, во Агенцијата за разузнавање, сите досегашни анализи покажуваат дека тие директно се вклучени во сите противуставни и протизаконити работи. Затоа јас сум категорично против. Не треба од Армијата да се трансформираат лица во полицијата, во цивилните служби. Тие се добро обучени, специјализирани да ги извршуваат работите во Армијата, а никако да извршуваат други задачи поврзани за полициски и безбедносно-разузнавачки работи, рече Трајанов.
За Петар Богојески од Унијата на eвропски федералисти во Македонија (УЕФМ), членството во НАТО носи привилегии, но и одговорности за што треба да сме подготвиме како држава и да се носиме со тоа, не само власта, туку и опозицијата. Доколку не научиме да го почитуваме основниот принцип, а тоа е професионализмот пред ситниот интерес, тогаш, оценува тој, многу тешко ќе се носиме со тие одлуки во НАТО.
– Од тука би ги повикал интелектуалците или професорскиот кадар кој е припадник на опозицијата во Македонија, да собере храброст да се спротивстави на силниот авторитет на лидерството и да застане на страна на професионализмот и да манифестира дека почитувањето на Уставот на Републиката е број 1 приоритет за земја членка на НАТО, односно вистинско практикување на она што ни го зацртува Уставот и да не се доведуваме во ситуација кога ќе отвараме во Македонија сосема непотребна дебата за меко или тврдо толкување на Уставот, а странските претставници и нашите НАТО партнери да се исплашат од тоа дека во НАТО влегува земја во која политичките елити дискутираат за тврдо или меко практикување на Уставот. Тоа е недозволува во една земја членка, рече Богоевски.
Според потпретседателот на Собранието Зекир Рамчиловиќ, она што е најважно за нашата држава и нејзините граѓани е дека во државата меѓу оние што носат одлуки секогаш имало такви што го препознавале државниот интерес, како резултат на што веќе стануваме интегрирана држава, односно дел од најмоќната воено-политичка организација и ја повика опозицијата да го поддржи законот за одбрана, ако е вистински за членство во НАТО.
– Прашањето е како да продолжиме понатаму. Дали ситните политички поени и партиски интереси смее да бидат поважни од иднината на државата. Во Собраниска процедура го имаме законот за одбрана, двотретински закон и добро е да го донесеме со консензус. Опозицијата не сака да го гласа поради името на Армијата на РСМ. Но, вистината е сосема друга и е врзана со предизборието во кое и се наоѓаме. Од една страна во Собранието да се залагаш и да го гласаш договорот со кој стануваш членка на НАТО под името РСМ, а од друга страна да блокираш закон поради истото тоа име е апсурдно. Мора да се става точка на тоа политиканство и да се биде искрен и со граѓаните, рече Рамчиловиќ.
Панел дискусијата е во организација на Македонско-aмериканската aлумни aсоцијација (МААА) и Унијата на eвропски федералисти во Македонија (УЕФМ).