Во изминативе две и пол години, тргнувајќи од премисата дека нужното менување или реформирање на Министерството за внатрешни работи мора да биде втемелено на реални проценки, потенцијали и можности, успеавме да воспоставиме системски континуитет на делување, што колку што ја задоволуваше бараната динамика на активности, во иста мера беше фокусиран на неопходните фундаментални проблеми чие елиминирање беше примарно за натамошното функционирање на полицијата, односно на безбедносниот сегмент како еден од столбовите врз кои што почива нормалното егзистирање на општеството во целина.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите, на кој се осврна за постигнатите резултати за време на неговиот мандат.
На стратешко ниво, реформата на безбедносниот систем не беше прашање на избор, туку, нагласи тој, прашање на опстанок, силно изразена волја на сите општествени чинители, на јавноста, на граѓаните, конечно да се воспостават норми и концпет, што ќе бидат и гаранција за заштита на човековите права и слободи, но истовремено силна брана против секаквите тенденции на корумпирање на безбедноста и против нејзино ставање во функција на злоупотребата и незаконитото работење.
– Ние тој чекор го направивме без ни малку колебливост, цврсто одлучни да ги етаблираме принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата, рече Спасовски.
Во однос на реформата на разузнавачките служби, тој ги спомена новата Агенција за национална безбедност, како самостоен, законски строго регулиран дел од безбедносниот систем и воспоставувањето на новиот систем за следење на комуникациите преку конструирање на новата Оперативно техничка агенција, кои произлегуваат како нужност од едно од клучните преговарачки поглавја со ЕУ – Поглавјето 24.
Тој се осврна и на подобрувањето на материјално техничките услови за работа во полицијата.
Во релативно кус период, подвлече министерот Спасовски, се инвестирани средства од буџетот на Министерството во висина од над 100 милиони денари во материјално обезбедување на униформираните полициски службеници од сите организациски единици, со нова опрема која по повеќе години сега беше целосно обновена.
– Со завршувањето на постапките за набавка на уште 24.000 пара зимски, летни и полувисоки обувки, потоа на чизми, како и теренски униформи и посебна опрема за Единицата за брзо распоредување и Посебните единици за поддршка, што деновиве ќе бидат финиширани, практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење. И дека интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен, рече Спасовски.
Почнувајќи од 01 јануари 2019 година, посочи тој, во Буџетот на МВР има и дополнителни парични средства за исплата на зголемување на плата во износ од 80.000.000 денари на годишно ниво за 4.821 униформирани вработени. Притоа, како што рече, е овозможено издвојување на работните позиции помлад полицаец, полицаец и виш полицаец од останатите вработени, што е значајно за Министерството, имајќи предвид дека вакво зголемување за основната компонента полицаец се остварува првпат од 1991 година наваму.
За две и пол години се санирани, односно делумно или целосно реконструирани 43 објекти на Министерството во сите сектори за внатрешни работи, за што се издвоени речиси 140 милиони денари.
– Круна на ове активности од делот на полициско-безбедносната инфраструктура се изградбата на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп каде што покрај средствата обезбедени од ЕУ, нашето Министерство учествуваше со свои средства во висина од над 14 милиони денари, како и започнувањето на градбата на новите современи форензички лаборатории. Исто така, во моментов веќе се во тек градежни работи за реконструкција на ПО Арачиново, на просторите на Интервентна единица и на Хеликоптерската единица, информира министерот Спасовски.
Спасовски го спомена и неодамна презентираниот извештај на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја насловен како „Истражување на демократското полициско работење на полицијата“, во кој резултатите, како што рече, јасно укажуваат дека во јавноста, меѓу граѓаните, но и во редовите на полицијата, полициските активности наидуваат на позитивен прием. – Бројките се недвосмислени дека довербата на граѓаните во полицијата расте, истакна Спасовски.
– Со право веруваме дека во наредниот период, продолжувајќи во континуитет со силна мотивираност да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето на сите организациони единици на МВР, рече министерот Оливер Спасовски.
Инаку, денеска беше промовиран и вториот број на меѓународното научно списание „Безбедност“, а беше потпишан и Протокол за соработка со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).