Во Бигорски новогодишни пакетчиња донација на ученици од Германија

Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, на триесеттина дечиња им додели новогодишни пакетчиња, кои до Светата Обител на манастирот ги испратило училиштето „Шелерхорт Комениушуле“ од германскиот град Хановер.

– Како една мала претходница и најава на серадосното божиќно ликување, Бигорски се исполни со радосниот џагор на многу дечиња, кои со посебна возбуда ги примија од рацете на нашиот Старец, архимандрит Партениј божиќните пакетчиња што ги припремија нивните благородни другарчиња од далечна Германија. Така прекрасните подароци, што со многу љубов беа приготвени и испратени во нашиот манастир, умножени со љубовта и благословот на нивниот сакан отец Партениј, разбудија многу радост и ги стоплија со љубов детските срца, вели отец Кирил.

Посочува дека тоа биле навистина прекрасни мигови на другарување на децата со Архимандрит Партениј, мигови на игра и весели детски насмевки.

– Прекрасните подароци од Германија, што со многу љубов беа приготвени и испратени во нашиот манастир, разбудија многу радост и ги стоплија со љубов детските срца. Нека нивниот несебичен гест поттикне и други дарежливи срца па да можеме да израдуваме уште многу деца, додава отецот.

Тој нагласува дека Управата на училиштето и родителите, а особено дечињата, запознаени од наши иселеници за мисијата на Бигорскиот манастир и љубовта на Архимандрит Партениј, кон децата, со голема радост ги подготвиле овие пакетчиња, наменети како божиќни подароци за најмладите во Рождественската ноќ.

– Иницијативата за ова дело е на г-ѓа Лисбет Ѓурѓај, долгогодишна пријателка на Бигорски. Нејзе, како и на дечињата од училиштето во Хановер им ја искажуваме нашата голема благодарност и желби за добро здравје, напредок и Божјо просветление, нагласува отец Кирил.

Пакетчињата се состојат од детски алишта, играчки, сликовници и боички.