Постои оправдан оптимизам дека токму во 2018 година ќе биде надминат проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија. Тоа денеска од Струга го порача заменик-министерот за Европски прашања Бујар Османи.
– Оптимисти сме дека ѕвездите се така наместени да само 2018 година дава можност за конкретен пробив. Веќе наредната 2019 година ќе биде изгубена година заради тоа што има избори во ЕУ за Европарлaментот и не може да се очекува европските држави да бидат фокусирани на Балканот. Покрај тоа избори има и во Грција и кај нас. Мора да бидеме искрени пред граѓаните и да им кажеме дека доколку ја пропуштиме оваа шанса во наредните десет години нема да можеме да најдеме решение, истакна Османи.
Тој укажа на потенцијалните негативни последици што тие би значеле за, како што рече, „една мала држава надвор од НАТО и ЕУ во вакви геополитички околности“.
– Ќе мора сите трезвено да размислуваме. Наша одговорност како политичари е да ја гарантираме иднината на државата и на генерациите што доаѓаат. Не смееме да се водиме од дневни емоции туку да ја водиме државата напред. Тешко е, аплолутно, но свесни сме за околностите и можностите што ги нуди 2018, нагласи Османи.
Вицепремиерот укажа дека притоа мора да се води сметка за сензитивноста по прашањето за двете страни.
– Одржливо решение може да биде само она што е прифатливо за двете држави, и затоа овие преговори, оттаму овие компромиси. Нимиц даде предлог, ние градиме државен консензус за став како одговор на предлогот. Се разбира дека имаме и наши чувствителности по тоа прашање меѓутоа свесни сме за важноста на моментот и ќе мора да најдеме едно заедничко прифатливо решение што ќе го задржи и зачува достоинството на двете држави, додаде Османи.