Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите затоа што се плаши од избори и се плаши од соочување со народот.
Зоран Заев многу добро знае дека изборите за него значат крај на политичката кариера, а потоа следи одговорност.
Зоран Заев знае дека сето ова негово владеење, кое е препознатливо по виткање на кичмата, рекет, изнуди, уцени, трговија со националните интереси, тепање на граѓаните и праќање на рекетари, народот не го одобрува.
Затоа Зоран Заев не сака соочување со народот. Сака да одбегне пораз и да одложи соочување со одговорноста за своето работење.
Ова што го говорам има и свој редослед.
Имено на Зоран Заев во овој момент очајно му е потребно алиби за одложување на изборите. Првото алиби му беше усвојувањето, односно ратификувањето на протоколот за влез во НАТО, кое не му успеа, затоа што таквото алиби беше лесно разобличено од ВМРО-ДПМНЕ.
Следното алиби кое што го креира Зоран Заев, на неколку недели пред распуштањето на Собранието, е поднесувањето на стотици закони во собранието, повеќето од нив со скандалозна содржина, штетна за граѓаните и апсолутно неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе потсетам таму има закон за промена на изборниот законик односно изборниот модел, за кој нема политички консензус. Потоа има закон за армијата, каде ние велиме ќе го прифатиме, освен промената на името на Армијата, што преставува обезличување на истата. Ние нема да прифатиме закон за обезличување на столбот на Македонија, АРМ по ниедна цена, а особено не сега не треба да и биде променето името и тоа не може да го бара никој од нас.
Шверцерското и насилничко туркање на законите без дебата по брза постапка има за цел Заев да создаде криза во државата, со цел да се одложат изборите. Таа намера ја потврдува и вчерашната негова изјава но и пазарџиските неформални услови и уцени кои доаѓаат до нас да сме ги прифателе законите инаку немало да има избори. Се поставува логичното прашање – што работеше Заев и неговиот тим овие три години, зашто не ги донесоа законите во изминативе три години туку на сила ги туркаат сега на еден месец пред распуштање на Собранието. И зошто бараат поддршка од ВМРО-ДПМНЕ си имаат мнозинство, а во секоја демократија мнозинството ги носи законите. Или можеби го немаат мнозинството?
Дополнително ваквото сценарио е надополнето со паничната партизација на полицијата, масовни вработувања на партиски кадри во здравството. Направена е и незаконска и криминална систематизација во МВР. Службениците во МВР по цел ден куцаат решенија за прераспределување и за нови позиции, 1.200 решенија се поделени за еден ден, спротивно на закон се укинува единицата АЛФА, се формираат нови одделенија, а воедно на спорен начин се прераспределуваат луѓе.
Во здравството испратен е допис со кој се бара сите здравствени установи да достават барања за вработувања за да може да се истите процесуираат до Министерство за финансии. Овде се работи за стотици вработувања на партиски кадри, роднини и пријатели на функционери на власта. Такви веќе, над 150 по број се случуваат во МЕПСО и во ЕЛЕМ.
Меѓу другото се продолжува со задолжување на државата, на скандалозен начин се предлага амнестија за кодошите оние кои што беа илустрирани и укинување на истата таа лустрацијата што значеше расчистувања со темните страни на комунизмот.
Сакам да ги предупредам сите раководители и останати лица кои имаат овластувања и потпишуваат масовно акти во овој период – да внимаваат. Многу да внимаваат. Да го следат законот, зашто за секое незаконско дејство ќе има одговорност без разлика за кого се работи.
Заев е уплашен и се плаши од соочување со народот. Го повикуваме да не ја носи Македонија во длабока и тешка политичка криза за која само тој ќе е одговорен! ВМРО-ДПМНЕ нема да ја прифати коцкарската игра на Зоран Заев и нема да прифати уцени. Зоран Заев одамна не е во состојба да поставува услови. Тој нема кредибилитет и изборите се единственото решение. И доколку овој пат ги стави своите интереси пред интересите на државата и на народот со цел да се спаси од одговорност и да продолжи со пљачката на државата, ќе се соочи со гневот на народот, гневот на ВМРО-ДПМНЕ и гневот на цела Македонија. Ние ќе дејствуваме во заштита на демократијата без прифаќање на уцени и заедно со народот. Ударот ќе е голем и ќе е народен. Затоа ајде на избори за доброто на Македонија, народот нека одлучи!
Одговор на новинарски прашања
Прашање: Како ја коментирате одлуката на Апелацискиот суд во врска со „Титаник 2“?
Одговор: Што да ви кажам, имав јас едно интервју минатата недела би сакал еве главната поента да ја повторам. Има два типа на случаи кои што ги гледаме во судовите. Едни кои што одат многу споро и кои што одат многу брзо. Во едните или судијата заборава да закаже рочиште по 90 дена па почнуваат од почеток или вака се донесуваат ослободителни пресуди, а другите гледаме одат по 12 часа на дена, па преспиваат луѓето па продолжуваат утре дента. Во првите има договор со Зоран Заев во вторите нема договор со Зоран Заев. Јас зборував уште минатата година дека постои криминална коалиција, таа криминална коалиција ја гледаме на дело. Интересно е што пред оваа судска одлука имаше изјави на еден од сега веќе ослободените во однос на тоа дека Албанците треба да гласаат директно за СДСМ, а исто така е интересно што еден од членовите на Судскиот совет е сопруга на висок функционер на СДСМ што само потврдува дека се работи за потврда на криминалната коалиција за која што ние зборуваме повеќе од година и пол која што за жал функционира во државата, ја разјадува државата, го разјадува судството и го разјадува владеењето на правото.
Прашање: Јас имам две прашања првото е она што го зборувавте за одлагање на изборите , во денешната изјава премиерот вели дека тоа го кажал бидејќи опозицијата ја опструирала работата на Собранието со тие повеќе од 150 закони и другото ми е за владината одлука за да се поништи лустрацијата односно да се обесштетат оние кои што биле лустрирани. Како го коментирате тоа?
Одговор: Прво во однос на изјавата на премиерот практично да не се повторувам од она што го кажав во досегашниот тек од прес конференцијата јасно е дека Зоран Заев сака да избега од избори, јасно е дека бара изговори, бара алиби го спомнав тоа во претходното излагање. Тоа ние нема да го дозволиме и го повикувам да се соочи со волјата на граѓаните на избори.
Македонија е една од државите која што имаше сила имаше храброст да се соочи со темните страни од своето минато, поголем дел од државните од источниот блок кои што беа под јаремот на комунизмот го направија тоа, дел и не го направија тоа. Сметам дека тој процес беше потребен, беше праведен многу жртви во годините на комунизмот пострадаја, наши дедовци наши прадедовци основачи на ВМРО-ДПМНЕ но не и само ВМРО туку и други интелектуалци, луѓе, слободно мислечки демократи кои што сакале демократски систем и сметам дека најмала сатисфакција за тие луѓе што можеше да се случи е да се знае кој неправедно ги кодошел и зошто ги кодошел. Застанувањето на СДСМ во заштита на кодошите на почетокот на 2020 година на повеќе од 30 години на падот од комунизмот само потврдува дека СДСМ вредно и секојдневно си ја заработува титулата односно она што го имаат во својот статут а тоа е директен наследник на Сојузот на комунисти на Македонија би кажал на најцрните страни на сојузот на комунисти на Македонија затоа што и во тој сојуз имаше чесни луѓе кои што на пример никогаш не потпишаа со Бугарија дека имаме заедничка историја или не потпишаа со Грција да оваа држава се вика Северна Македонија така што СДСМ си се покажува како најдоследен продолжувач на најтемните страни на Сојузот на комунисти на колишевизмот и останатите работи кои што ги гледавме во тој период.
Прашање: Почесниот конзул на Латвија пријавил кај Никола Димитров дека Бојан Јовановски му барал рекет. Како го коментирате ова?
Одговор: Драго ми е што вистината излегува на виделина, знаете дека Зоран Заев се закани дека ќе ме тужи за клевета за случајот Рекет. Јас пред неколку месеци на телевизиско соочување, односно дебата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, јавно во таа емисија го кажав тоа што го кажав денес, односно кажав дека еден амбасадор од земја членка на ЕУ реагирал кај министерот за надворешни работи, затоа што почесниот конзул на таа држава, за која еве сега е познато името, бил рекетиран од Бојан Јовановски и други лица поврзани со него, синот на Катица Јанева и останати. Тоа тогаш беше најостро демантирано од Никола Димитров дека таква работа немало, дека тоа било лага и така натака. Но, пред вистината и Боговите молчат. Еве после неколку месеци во судска постапка се потврдува дека Никола Димитров знаел за рекет и не пријавувал за рекет затоа што е кривично дело, и би сакал да го повикам ЈО и сите останати органи да го повикаат Никола Димитров и да го прашаат зошто не пријавил и соодветно да спроведат кривична постапка против него затоа што затскривање или не пријавување кривично дело е исто така кривично дело. Очекувам прво министерот за надворешни работи да поднесе оставка и потоа кривично да одговара поради тоа што не го пријавил случајот „Рекет“.