Нападите врз медиумските работници (новинари, сниматели, фоторепортери) се чести и во разни облици. Во изминатите пет години се регистрирани 50-ина напади, но ни во 10 отсто не завршиле со санкционирање на сторителите. Најдрастичен пример е упадот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 – случај за кој нема ниту едно гонето лице за напад врз новинарите што таа вечер таму беа на работна задача.
Новинарите се препуштени правдата да ја бараат сами и со приватни тужби против напаѓачите, со што слободата на говор се заменува со автоцензура, а новинарската професија станува помалку атрактивна. Цел на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е да се измени Кривичниот законик во кој ќе биде регулирана заштитата на новинарите. Затоа што безбедностa на новинарите е прв предуслов за вршење на оваа професија и клучна за постоење професионални и независни медиуми и за остварување на правото на слобода на изразување.
-Насилството, вознемирувањето и заплашувањето на новинари е напад врз демократијата. За жал, нападите врз новинарите во Македонија се чести. Во последните пет години имаше физички напади, вербални напади, кршење опрема, уништување личен имот на новинарите и на медиумите, сајбер-напади. Не секогаш насилници ги напаѓаа новинарите. Имавме случаи во кои припадници на полицијата и специјалните единици се јавуваа како напаѓачи. Главен проблем беше и остана до денес високиот степен на неказнивост на насилствата врз новинарите, истакна Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.
Рече дека годинава трендот е попозитивен, но во пресрет на изборите и тензичната атмосфера што нив ги следи, повика политичарите да ги водат битките преку дебата, а не со улични напади врз новинарите и критичката јавност.
ЗНМ денеска промовираше две публикации – „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април 2017 година“ од новинарите Душица Мрѓа, Енис Муртези и Христина Беловска и „Хроника за (не)безбедност на новинарите“ на новинарот Зоран Иванов и адвокатот Игор Марковски.
Промоторите нагласија дека со изданијата испраќаат порака дека тие напади нема никогаш да се заборават, кога веќе немаат правен епилог, како што е случајот со 27 април кој ќе застари за четири месеци.
Новинарката Душица Мрѓа, една од авторите на изданието за 27 април, и меѓу 20-ина новинари кои таа вечер беа заробени во Парламентот, а дел беа повредени и завршија во болница, рече дека се разочарани што правдата за нив е климава и ги одминала.
-Три години потоа – се водеа судски спорови за 76 лица обвинети за кривични дела со различни квалификации, дел од нив се правосилни, дел не се. Меѓу нив нема ни една пресуда и ни едно гонето лице за напад врз новинар, фоторепортер, снимател, рече Мрѓа, со надеж и апел дека до истекот на трите години до застарување на делото институциите ќе си ја завршат работата, а дека дел од новинарите се подготвени да покренат сопствени тужби.
Втората публикација опфаќа хронологија на 50-ина инциденти во изминатите пет години, со изјави на жртвите, како и правни совети како новинарите да ги заштитат своите права согласно со постојните закони.
Еден од авторите на ова издание, адвокатот Игор Марковски, рече дека новинарот нападнат за време на работата треба да пријави во МВР и кога ќе се дознае сторителот треба на сопствен трошок да води постапка. Кога тој ќе биде кривично санкциониран, новинарот треба по личен избор да одлучи дали ќе тужи и за надомест на штета – материјална или нематеријална. Тоа е веројатно и причината за мал број процесирани случаи. Според регистрите на ЗНМ и на МВР, како што рече Марковски, исходот на постапки завршени со кривичен прогон на сторителите за напади врз медиумските работници е помеѓу 5 и 10 отсто.
Според него, новинарите како и други службени лица кои имаат јавни овластувања, треба да имаат одредени привилегии да бидат заштитени законски. Затоа, рече, Кривичниот законик мора да се смени и во него да постои посебно поглавје за оваа фела.
-Не верувам во мотивацијата секој приватно да посегне да води ваков спор. Во таа насока ЗНМ со помош на правни фактори се бори да се смени Кривичниот законик и медиумските работници да добијат поголема заштита. Ценам дека со постојниот закон само ќе се зголемуваат случаите во иднина и дека атрактивноста на оваа работа ќе опаѓа, истакна Марковски.
Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски соопшти дека ЗНМ води регистар на сите посериозни напади, ги следи истрагите што ги води ОЈО против напаѓачи и јавно алармира за да се крене свеста во јавноста дека со нападите врз новинарите се повредува демократијата и за да се мотивираат надлежните институции да креираат безбеден амбиент за работа на новинарите.