Примена на новините во енергетската ефикасност во гевгелиско

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков денеска имаше средба со директорот на Агенцијата за енергетика Нехри Емрула, на која се разговараше за претстојното донесување на Законот за енергетска ефикасност и улогата на локалната самоуправа.

Поцков информираше дека во Гевгелија во тек е истражувањето за изработка на новата програма за енергетска ефикасност за периодот од 2020 до 2023 година, со која ќе се обезбеди целосен преглед на потрошувачката на електрична енергија и гориво, но дека истовремено ќе се утврди и стратегија за поголема енергетска ефикасност на Општината и општинските јавни установи.

– Во Општина Гевгелија веќе се спроведуваат неколку проекти кои треба да придонесат за поголема искористеност на обновливите извори на енергија како на пример проектот за воспоставување на оптимален систем за улично осветлување, кој предвидува замена на старите со штедливи сијалици, потоа проектот за обезбедување електрична енергија за времената депонија за кој е распишан тендер, за фотоволтаици и проектот за изработка на документација за изградба на секундарна гасна мрежа, рече Поцков.

Директорот Емрула информираше дека со помош на проект кој ќе биде финансиски подржан од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во земјава ќе биде воспоставена електронска платформа за следење и верификација на мерките за енергетска ефикасност и дека неговата реализација ќе придонесе за постигнување на целите на ЕУ за намалување на потрошувачката на енергија и за зголемување на енергетската ефикасност.