Враќање на позицијата на Врховниот суд како врв на судската власт и реафирмација на улогата на судството предлага академик Владо Камбовски.
На денешната дебата за измени во законите за судови и за судски совет, академик Камбовски оцени дека Врховниот суд, што ја има уставната позиција на врв на судската власт, е ставен во второстепена позиција.
– Повеќепати сме расправале за тоа кој е врв на судската власт. Одговорот изречно или премолчено беше дека тоа е Судскиот совет што е апсолутно несообразно со уставната концепција, според која Судскиот совет е само орган кој ја гарантира таквата позиција на Врховниот суд, а не го суптитуира Врховниот суд, рече академик Камбовски.
Тој смета дека треба да се вметне и формулација со која управните органи ќе бидат должни да постапуваат по одлуките и препораките на судовите.
– Имавме една деформирана, партизирана, држава која ја окупираше извршната власт и Собранието, а пушти пипци дури и во судството. Таму каде не можеше да ги пушти директно тие пипци, ги блокираше судските институции. Тоа се факти и ова го покажуваат сите извештаи. Според тоа, сега е прилика да се реафирмира улогата на судството, рече академик Камбовски.
Според професорката Ана Данева, мора да постојат законски основи за одговорност за членовите на Судскиот совет.
– Ние сме единствената држава во светот каде имаме членови на Судски совет кои независно од тоа како и дали воопшто ја извршуваат својата функција на членување, не можат да бидат разрешени од челнството бидејќи таков законски основ не постои, посочи Данева.
Денешната дебата за измените на Законот за судовите и Законот за судски совет беше во организација на Здружението на судии и Министерството за правда.