Комисиите за историски и образовни прашања со Бугарија и Грција на пауза

Заедничката комисија за историски и образовани прашања со Бугарија е на пауза заради изборите во Македонија. Од наша страна не е прекината нејзината работа, изјави Драги Ѓорѓиев, шеф на македонскиот тим во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовани прашања со Бугарија, формирана согласно Договорот за добрососедство.

– Работата на Комисијата не е прекината. Ние на неколку пати изјавивме дека станува збор за пауза во работата заради предизборниот период во нашата држава. Во меѓувреме ние предложивме да продолжи нашата комуникација по електронски пат со размена на забелешки, препораки, па дури и наши идеи за Гоце Делчев и чествувањето. Така што од наша страна не е прекината работата, меѓутоа е направена една пауза поради предизборниот период во Македонија, потенцира проф. Ѓоргиев.

Тој на новинарско прашање посочува дека постои комуникација меѓу тимовите, а последната била за размена на Записникот од последната средба која се одржа во Софија.

– Го усогласуваме записникот, значи комуникацијата постои. Меѓутоа дали ќе продолжи и од аспект на работата во однос на учебниците, тоа зависи и од бугарска страна. Ние тоа го предложивме. Доколу тие сметаат дека во овој период од два-три месеца можеме така да работиме, тоа е за нас сосема прифатливо, вели Ѓорѓиев, кој денеска присуствуваше на промоцијата на книгата „Фениксот на непокорот“ од амбасадорот Виктор Габер.

Претседавачот на бугарскиот тим од Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски прашања, Ангел Димитров, по последната средба одржана на крајот на минатиот месец во Софија, изјави дека е неизвесно продолжувањето на работата на комисијата која, според него, била еднострано прекината од македонска страна. Од македонскиот тим тогаш појаснија дека привремената пауза за одржување формални средби ја побарале за таа да не се злоупотребува во дневно-политички и предизборни цели, и да се заштити процесот на градење добрососедски односи.

Амбасадорот Виктор Габер, шеф на македонскиот дел од Интердисциплинарната комисија на експерти за историски, археолошки и образовни прашања со Грција формирана во согласност со Договорот од Преспа, во изјава за новинарите потврди дека и оваа Комисија паузира, затоа што се очекува од грчка страна да се комплетира составот на нивниот тим откако неговиот пандан, шефот на грчката страна во Комисијата, Маркос Боларис, кој беше заменик-министер за надворешни работи во владата на СИРИЗА, не е веќе член ни на грчкиот владин кабине, ни на МНР на Грција.

-Тој беше политички номиниран. Очекуваме да добиеме нов состан евентуално, или само промена на некои членови – од шефот на нивната делегација, до некои членови во самата Комисија, вели Габер.

Запрашан дали очекува промена на грчките ставови со промена на членовите на тимот, искусниот дипломат оценува дека нема основа за тоа.

– Што е постигнато е постигнато. Ова е Меѓународен договор верификуван во собранијата на двете земји, запечатен со печат на ОН, така што не очекуваме дека ќе имаме некои промени, бидејќи едноставно имаме добри основи во целите и принципите на Советот на Европа и УНЕСКО, така што има прецизни формулации како треба да се пишуваат учебници каде што земјите, во случајов и сојузници, треба да ги воспитуваат идните генерации, вели Габер.

Тој посочи дека досега меѓу двете комисии е речиси финиширана работата за програмите, а сега преостанува да прејдеме на учебниците и конкретни формулации, за да не предизвикуваат анимозитет кај новите генерации кои би се воспитувале во еден заеднички дух.

Петтиот состанок на заедничката македонско-грчката Комисија кој беше закажан за јули, месец, беше одложен, а кога ќе се одржи следниот состанок, како и изборот на темите треба да ги одреди грчката страна како домаќин на средбата. 

2019-12-24 14:29:26, од Виолета Геров