Во кумановската општа болница од денеска функционира „Роса школо за родителство“. Младите родители можат да се информираат за нега, исхрана на новороденчињата, мајките за здравјето, негата и исхрана за време и по бременоста и да добијат информации од стручниот кадар од кумановската болница. Во школото ќе бидат ангажирани педијатар, гинеколог, сестри, акушерки, едуцирани и со повеќегодишно искуство, велат од болницата.
Директорката на кумановската болница Снежана Захариева изрази задоволство што болницата е дел од овој проект кој се спроведува со поддршка на „Пивара“ Скопје и Министерството за здравство.
– Идните родители се соочуваат со безброј прашања кои родителите ги бараат на интернет. Преку ова школо, ќе можат да дојдат во болницата и да се информираат за се што ги интересира, од начин на исхрана и на мајките, негата и исхрана кај новороденчињата. Овде ќе им се покаже како да се одржува хигиената на новороденчето, како да се облече, ќе добијат совети за секој проблем. Добредојдени се сите, изјави Захариева.
Обуките се бесплатни и ќе бидат опфатени повеќе теми. Школата за родителство во болницата е сместена во просториите на поранешниот хируршки центар.
– Навистина е задоволство да се биде во општа болница Куманово, каде ја затвораме 2019 година со отворањето на третата „Роса школа за родителство“ за оваа година. Задоволство е да се биде партнер со Министерството за здравство и кумановската болница, изјави Катерина Хаџи Ангелеска-Начевска, бренд менаџер во „Пивара“ Скопје.
Според неа отварањето на овие школи им овозможува на новите родители да побараат кредибилни информации од високо квалификуваниот кадар во болниците, а искуството од веќе постоечките школи во другите градови покажува дека интересот за школите е се поголем.
Проектот го спроведува „Пивара“ Скопје со Министерството за здравство и досега се опфатени шест болници ширум државата. Во наредната 2020 година, проектот ќе продолжи со отварање на дополнителни три школи за родителство.