Димитриевски на традиционална средба со корисниците на услугите на дневните центри за лица и деца со попреченост

Градоначалникот на Oпштина Куманово Максим Димитриевски денеска им подари новогодишни пакетчиња на корисниците на двата дневни центра за лица со интелектуална попреченост во Куманово – „Порака наша“ и Центарот за лица со попреченост кој е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

– Сакам да ги поздравам сите коишто работат на проектот од Здружението „Порака Наша“ бидејќи имаме категорија наши сограѓани со попреченост на кои им е  потребна помош, социјализација, интеграција, инклузија и сакам да ја искористам приликава да им ги честитам претстојните празници, изјави Димитриевски.

Тој рече дека оваа година Општината одвојувала милион денари за поддршка на Дневниот центар, а за идната година е планирано зголемување на средствата со буџетот, така што поддршката ќе се зголеми на 1,5 милиони денари.

-Благодарни сме што 13-та година Општината делумно го финансира  постоењето на Дневниот центар. Без помош и поддршка од Општината, од Советот, од бизнис заедницата, Центарот не може да функционира, изјави Мартина Костовска од „Порака наша “.

Во двата дневни центри услугите ги користат лица со попреченост, а за нивна инклузија, интеграција и социјализација се грижат стручни тимови, дефектолози, социјални работници, психолози.

Пакетчиња беа поделени и на децата од Здружението на глуви и наглуви лица.