Ниските откупни цени, неорганизираноста на земјоделците, нелојаната конкуренција, монополот на пазарот за откуп, непостоењето на договорно производство, недостатокот на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците и негативните влијанија од климатските промени, според годишната оценка на Националната федерација на фармери (НФФ), се главните проблеми со кои се соочија земјоделците во изминатата година.
Земјоделците, како што рече претседателката на НФФ, Васка Мојсовска на денешната прес-конференција, годинава се соочија и со проблемот на легализација на фармите, недостатокот на едукација за претприемништво, непостоењето на постберните технологи и продолжување на рокот за траење на земјоделските производи, недостатокот на количини на одреден производ, мало учество на преработувачките капацитети во откуп, неспроведување на анализи на пазарите, мал принос по единица површина…
– Во последните десетина години производните цени на земјоделските производи се зголемуваат, а откупните се намалуваат, а од друга страна тука се и климатските промени кои прават големи штети во сите земјоделски сектори. Сепак, ниските откупни цени се нешто што најмногу го погодува македонскиот земјоделец и го доведуваат примарниот земјоделски производител во ранлива положба. Алчноста и немањето општествена одговрност кај големите откупни компании, винарии, млинарници, млекарници ќе придонесат да се уништи македонското земјоделство, рече Мојсовска.
Делувањата на големите преработувачки и откупни компании во земјава, како што рече, се закана и за работничката класа во градовите, бидејќи се зголемува увозот на земјоделски производи, а со тоа расте и цената на храната. Во изминатите три години, додаде таа, податоците на Заводот за статистика покажуваат дека извозот на земјоделските производи кумулативно се зголемил за 1,63 отсто, а увозот за 13 проценти.
– Бараме серизен дијалог со нив и креирање мерки од страна на државата во насока на обезбедување егзистенција и достоен живот на руралното население и организирано производство, како и почитување на Законот за земјоделство во кое откупувачите до крајот на март ќе ги пријават количините кои сакаат да се откупат и ќе потпишуваат договори за откуп со јасно дефинирани откупни цени, кои треба да се повисоки од производните цени, рече Мојсовска.
Климатсктие промени, потенцира таа, најмногу влијаат на пченицата, грозјето, доматите, луцерката и јаболката.
– Затоа треба да се градат политики кои ќе овозможат адаптирање на нашето земјоделско стопанство на новата клима, како и овие мерки да станат дел од Стратегијата за земјоделство и рурален развој и Државната програма за финансиска поддршка за рурален развој. Голем акцент треба да се стави и на реконстуркицијата и модернизацијата на водоводните мрежи низ државата, посочи Мојсовска.
Како НФФ, рече таа, бараме почитување и имплементирање на Декларацијата на Обединетите нации за правата на селаните и другите лица кои работат во руралните средини. Мојсовска нагласи дека посебно ги радува што е воведен Правилникот за продажба на мало за производи од животинско потекло и што е во подготовка правилник за производи од растително потекло.
– Го поздравивме носењето на измените на Законот за вино со кои се овозможи работа на малите винарии и производств на вино на физичките производители, но бараме да се избрише членот во Законот кој вели дека „утврдената цена може да се намали најмногу до осум проценти во случај кога исплатата на износот за откупеното винско грозје се врши во целосст во рок од седум дена од денот на приемот“. На ваков начин само се поттикнува намалување на откупната цена во услови кога производните цени се поголеми од откупните, рече Мојсовска и побара државата да преземе мерки против моноплолската положба и монополското однесување на пазарот.
Таа нагласи дека сувбвенциите им се добредојдени, но додаде дека бараат откупните цени на земјоделските производи да бидат реални, а не државата да го надополнува она што им го одземаат откупувачите на производителите.
Во земјава 180.000 семејства егзистираат од земјоделство, а 45 отсто од населението живее во руралните средини кои опфаќаат 87 проценти од нејзината вкупна површина. Земјоделството продуцира 12 проценти од БДП, а во првиот квартал од годинава земјоделството, шумарството и водостопанството учествуваа со 6,6 отсто во БДП, што е раст од 5,1 отсто во однос на истиот период лани.