Поддржани предлог законите за „фантомите“ и за меѓународно приватно право

Во собраниската Комисија за европски прашања во прво читање помина Предлог законот за неевидентирани лица во матична книга на родени.

Како што образложи раководителката на сектор во Министерството за труд и социјална политика, Мабера Камбери, станува збор за закон со кој се решава проблемот на лицата кои се неевидентирани во матична книга на родени т.н. фантоми, а кои се најдени врз основа на јавен повик. При тоа во посебен електронски регистар се евидентирани 700 лица.

– Законот се однесува само на овие 700 лица и со него им се даваат четири права: правото на образование, на вработување и на социјална и на здравствена заштита. Новиот закон е во согласност со препораките на Европската комисија за решавање на овој проблем и Поглавјето 23 во делот на фундаменталните права. Имплементацијата на законот ќе се следи со АКИ-то на ЕУ, рече Камбери.

Членовите на Комисијата на денешната седница во прво читање го усвоија и Предлог законот за меѓународно приватно право.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски истакна дека потребата за донесување на овој нов закон е процесот на усогласување на националното со законодавството на ЕУ, особено во делот на правосудната соработка за граѓанско-правната материја која е дел од Поглавјето 23 од пристапните преговори.

– Станува збор за седум регулативи на Европскиот парламент и на Советот на Европа од наведената сфера, рече Рисовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *