Тргнувајќи од реномето на оваа високообразовна институција, макотрпно градено во годините наназад, немам сомнеж дека и оваа генерација студенти и постдипломци ќе ја краси широко и богато знаење од областа на безбедноста, пренесено и стекнато во процесот на наобразба и практично применливо по форма и содржина, што несомнено ќе биде цврстиот темел за понатамошна професионална надградба на дипломците и магистрантите во нивниот иден професионален ангажман.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната промоција на дипломираните и магистрираните студенти на Факултетот за безбедност-Скопје.
Дотолку повеќе, потенцира, што безбедноста, како наука и како професионална ориентација, е во иста мерка интересен и одговорен избор, со мноштво предизвици коишто произлегуваат од новите трендови на општествено живеење.
– Имено, ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на нови, современи научно-истражувачки сознанија, без реална кооперативност меѓу теоретското и практичното знаење, што впрочем се потврдува низ секојдневјето на модерните и развиени општества. Особено што безбедноста претставува не само обемна, туку и прилично динамична сфера на работа, рече Спасовски.
Истовремено, подвлече тој, специфика на ова модерно време се и динамичните реформи што ги започнавме, вклучително и во сферата на безбедноста, при што нам ни се и тоа како потребни млади, амбициозни, способни и образовани луѓе, кои што ќе бидат подготвени да се фатат во костец со низата дилеми и предизвици што сеопфатните реформски процеси нужно ги отвораат.
Министерот Спасовски изрази силно убедување дека многумина од дипломците и магистрантите, ќе успеат да го препознаат и пронајдат своето место во општеството, притоа давајќи го својот максимум како во име на сопствените амбиции, така и во име на потребата за брз и интензивен развој на нашата држава.
– Дозволете ми да ве замолам да размислувате и од еден поалтернативен агол – вашата диплома нека биде вашиот билет за да го промените светот!, им порача Спасовски.
Добредојдовте на академската заедница, им рече во обраќањето проректорот проф. д-р Марјан Ѓуровски на дипломираните и магистрираните студенти на Факултетот за безбедност-Скопје
– Среќен сум што остваривте уште еден голем успех и заедно ќе понудиме професиолен високо образуван кадар кој може да биде столб на безбедносниот систем и процесот на професионализација, департизација и декриминализација на институциите кој се борат против организираниот криминал и корупција или се грижат за јавната безбедност, разузнањето, заштитата и спасување и друго, рече Ѓуровски.
Тој информира дека околу 30 проценти од дипломираните студенти кои биле поканети да ги земат своите дипломи веќе ја напуштиле земјата со цел да побараат работа во западно европските земји.
– Кога ќе се додаде фактот што меѓу нас беше спречен да дојде и најдобриот студент од генерацијата Дарко Николиќ од поразителни причини за нас, сите ние треба заедно да испратиме порака дека Вис сте тука за татковината, таа треба уште пошироко да ги отвори вратите за Ваше вработување, потенцира проректорот Ѓуровски.
Напорите кои досега се направени од страна на МВР за време на мандатот на сегашниот министер Оливер Спасовски, порача Ѓуровски, треба да продолжат, да се дуплираат и динамизираат во сите интитуции на безбедносниот систем на земјата, и овој позитивен исклучок треба да прерасне во политика и правило на вработување во сите институции во државата.
– Широко распространетиот аргумент во МВР дека дипломите од Факултетот за безбедност се „неспоредливи со другите“ да биде прифатен од сите други безбедносни институции, агенции и други. Универзитетските дипломи од различни институции не се во сите случаи целосно поддржани и поради тоа треба да бидат високо проценети и да бидат прифатени во сите систематизации и дефинирани работни места во Агенцијата за вработување, рече во обраќањето Ѓуровски.
Според него, време е местото на теолозите и социолозите во безбедносниот систем, како што нагласи, да бидат заменети со дипломираните студенти од Факултетот за безбедност – Скопје и другите државни високо образовни институции од областа на безбедноста, криминалистиката, криминологијата, евроатланските интеграции и безбедноста и финансиската контрола.
– Потенцијалот за подобрување и градење на професионален безбедносен систем и стабилна економија и развој е тука: Северна Македонија има релативно стабилен безбедносен систем и скромен економски раст во последниве години, рече меѓу другото Ѓуровски.