Директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку и заменик помошникот генерален секретар за операции при НАТО, Џонатан Периш, денеска ќе потпиша меморандум за соработка за организација и спроведување на 19-та вежба за справување со последици од катастрофи, именувана „Северна Македонија 2020“.
Овој документ е уникатен, потенцира Периш, бидејќи прв пат НАТО потпишува ваков документ со држава која при потпишување е дел од Партнерството за мир, а вежбата ќе ја имплементира како членка на Алијансата.
Според Буџаку, вежбата ќе биде одлична можност земјава да ги тестира своите капацитети за одговор во случај на непогода од поголеми размери.
– Република С. Македонија се стреми кон целосна интеграција во НАТО и во ЕУ, тоа се цели кои имаат силна поддршка од јавноста и целосен политички консензус. Владата и сите државни институции работат интензивно и се целосно посветени на реализација на оваа стратешка цел, рече Буџаку.
Тој порача дека стабилна и безбедна Република С. Македонија како полноправна членка на НАТО е огромен чекор напред за развој и просперитет на нашата земја, но и на целиот регион.
Периш нагласи дека нашата држава е значаен партнер на НАТО и очекува наредната година кога ќе се врати, како што рече, да бидеме 30-та полноправна членка на Алијансата.
– Овие вежби се многу поразлични од традиционалните НАТО вежби. Не се воени, туку се за справување со последиците од катастрофи и овозможуваат лицата и тимовите за прв одговор, главно цивили, но исто така и воени лица, да работат рамо до рамо да градат интероперабилност , да ги подобруваат своите вештини и да тестираат нови технологии, рече Периш.
Тој информира дека Next-Generation Incident Command System (NICS) интегрира информации од широк спектар на извори, ја олеснува комуникацијата помеѓу организациите при управување со итни ситуации, а значително ќе ја подобри брзината, координацијата и ефикасноста на одговор во случај на катастрофа.
Во Република С. Македонија има над 750 корисници обучени за користење на овој систем и во таа насока денеска им беа доделени сертификати на министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, на Воената академија во Скопје, Противпожарната бригада и на Црвениот крст.