Штип го слави својот заштитник „Свети Никола“

Штип денеска го слави својот патронен празник Свети Никола. Во соборниот храм „Свети Никола“ се одржа Света архиерејска литургија, со која чиноначалствуваа митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион, митрополитот Повардарски г. Агатангел, епископ Јаков Полјански, по што имаше литија до Градскиот плоштад „Слобода“, каде се кршеше славскиот колач. Митрополитот Брегалнички, г. Иларион во своето обраќање порача верниците, луѓето да се сакаат, како порачува и самиот Свети Никола.

-Токму тој ни е пример какви треба да бидеме како христови следбеници и како христови деца. На овој ден, од ова место ви посакувам мир и благослов на сите вас, рече г. Иларион.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека општината на најдостоинствен начин го заокружува празнувањето по повод својот патрон со Светата литија и кршењето на Славскиот колач овде на плоштадот Слобода.

-Штип како град со традиција со векови создавана и негувана од самиот народ во својата основа, како  свој заштитник, го има Свети Никола и како што налага редот на нештата, поврзано со традицијата на целиот регион, кој е обединет – физички по течението на реката Брегалница и духовно во заедничката Брегалничка епархија – го слави како свој празник денот посветен на овој Светител. Од денеска започнуваат празнувањата кои се поврзани и со најголемиот празник денот на Христовото раѓање и Нова година, затоа дозволете од ова место да упатам порака на заедништво, на човекољубие помеѓу сите нас во името на доброто и просперитетот на сите наши граѓани, на нашите деца и генерациите по нас, вели Бочварски.

На денешното празнување на патрониот празник на градот присуствуваше и претседателот на Комисија за верски прашања  Даријан Сотировски, како и претставници на политички партии и на делегации од државни и локални институции.