Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното годишно обраќање пред пратениците во законодавниот дом.
Рече дека многу коментираниот Закон за јазици, особено, по мислењето на Венецијанската комисија кое, за жал, според нашите стари, лоши навики го прочитавме исклучиво преку политичка и етничка диоптрија.
– Венецијанската комисија не вели дека Законот е спротивен на нашиот Устав, бидејќи за тоа воопшто не е надлежна. Исто така, комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив, нè истакнува како пример на држава која оди и подалеку од, инаку, високите европски стандарди во оваа област. Меѓутоа, врвните европски правници со право забележуваат дека нашата држава, во овој момент, не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управните постапки. Со други зборови, какво фајде од Законот ако неговите одредби останат само на хартија, истакна Пендаровски.
За да биде уште појасен околу својот личен став, Пендаровски потсети дека уште пред две години, тогаш како пратеник, во Комисијата за европски прашања, аргументирал дека ниту една држава не се распаднала затоа што на своите граѓани им дала премногу права во областа на јазикот.
-Законот за јазици сигурно нема потенцијал да ја дестабилизира земјата, меѓутоа, ако велиме дека законите ги носиме заради граѓаните, чесно е да ги направиме сите неопходни корекции за тие навистина да заживеат, додаде шефот на државата во обраќањето пред пратениците.