Прилепчани приготвија 70.000 посни сарми за градската слава „Свети Никола“

Околу 70.000 мали посни сарми завиткаа 55 прилепчанки од четири здруженија за прославата на патронот на градот, Свети Илија кој се одбележува во четврток, на 19 декември.

Празникот, како градска слава, ќе се одбележи 14-ти пат во центарот на Прилеп, а „Свети Никола“ е вековна традиција, но и куќна слава за повеќе од половината прилепчани.

Членките на здруженијата „Преродба“, „Мајка Традиција“, „Орхидеја“ и на Здружението на пензионери за два дена ги приготвија малите посни, светиниколски сарми кои се запишани и во Гинисовата книга на рекорди. Годинашен домаќин е прилепското семејство Небрежанец.

Посната трпеза, традиционално, ќе биде поставена во центарот на Прилеп на христијанскиот празник „Свети Никола“, в четврток, 19 декември.

Лилјана Петреска од здружение на жени „Орхидеја“ вели дека малите посни сарми се прилепски специјалитет. -Колку се помали, толку се повкусни, а ние прилепчани сакаме така да биде, рече Петреска.

Лилјана Ѓорѓиовска од „Преродба“ смета дека Гинисовиот рекорд само прилепчанки може да го соборат.

-За нас виткањето мали сарми е големо задоволство и работиме со песна. Затоа се помали, повкусни, па и сармите „се смешкаат“, така велиме ние прилепчанки. Со овие посни светиниколски сарми сме влегле и во Гинисовата книга на рекорди и рекордот никој не го оборил досега, освен ако самите решиме да го направиме тоа, изјави Ѓорѓиевска.

Љубица Петреска од „Мајка традиција“ нагласува дека славата која ја имаат како куќна, а е и градска, го поттикнува заедништвото.

-Сармите ги приготвуваме со љубов и задоволство. Тоа е наша традиција. Битно е домаќините на заедничката посна трпеза за „Свети Никола“ да ги здружат, да ги сплотат луѓето, да дојдат од другите градови на слава, а и децата да ни се придружат за тие убави моменти на дружење, нагласува Петреска.

Четиринаесетгодишната Бистра Небрежанец и нејзините две сестри ги поттикнуваат младите да ја учат традицијата на готвењето на бабите и прабабите.

-Мило ми е што сум дел од оваа традиција. Не е тешко да се совлада умешноста на приготвувањето на посните сармички и верувам дека има многу млади кои го учат тоа, вели Бистра Небрежанец.

За посната трпеза во четврток се свиткани околу 70.000 посни сарми, набавени се речиси 300 килограми риба, 100 килограми маслинки, 3.000 до 4.000 порции грав.

-Особена чест ми е што моето семејство е домаќин на градската слава. Да се биде домаќин носи среќа и, всушност, се што е поврзано со Бога, носи среќа. Ги охрабрувам и другите да бидат домаќини. Ваква чест го прави човека похрабар, посреќен, со добра мисла. Со сопругата имаме три ќерки и тоа е пресудното да бидеме домаќини- не води духовното, а не материјалното, вели Кирил Небрежанец.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски ги поканува сите на прославата на градскиот патрон, в четврток. Свеченостите почнуваат изутрината со света литургија. – Празникот за светецот заштитник на морепловците, на децата, сиромашните се слави секаде, но посебно е задоволството што најголемиот број прилепчани го имаат како куќна слава, а воедно е и слава на градот. Се приготвува посната трпеза на која сите ќе се собереме во центарот на Прилеп на 19 декември, на празникот. Ги повикувам сите прилепчани заедно да го прославиме празникот на градот, рече Јованоски.