С. Македонија е рангирана на 82. место од вкупно 189 земји во годинешниот Извештај на УНДП за човековиот развој 2019 – Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век. Во извештајот С. Македонија се наоѓа во категоријата на земји со висок човеков развој и од 2000 година до 2018 година бележи развој во сите категории. Пред нас, во категоријата земји со висок човеков развој, се Босна и Херцеговина, Албанија и Србија.
Претседателот Стево Пендаровски, коментирајќи го извештајот, рече дека овие резултати се охрабрувачки само на прв поглед и оти постојат неколку области во кои сме понапред од другите во регионот, па дури сме на високо ниво и во однос на останатите европски држави, на пример присуството на жени во некои институции, меѓутоа постојат многу повеќе категории каде што сме на самото дно во Европа или во втората долна половина кога го мерите само балканскиот регион.
– Во поширокиот европски контекст, состојбата кај нас воопшто не е сјајна, и тоа поради најмалку две причини. Прво, во нашата категорија на држави со висок човечки развој има само шест од 44 европски држави. Најголем дел од европските држави припаѓаат на погорната категорија на држави со многу висок човеков развој. Второ, зад нас има само две европски држави од кои ниту една нема статус на кандидат за членство во Европската Унија, оцени Пендаровски.
Истакна дека извештајот на УНДП треба да се сфати со голема сериозност и, како што рече, да се соочиме со фактите кои зборуваат дека за речиси 30 години независност, сме имале вкупно 21 парламентарни, претседателски и локални избори.
– На овие избори македонските граѓани им дале доверба на стотици политичари од речиси сите релевантни политички партии да ја направат државата подостоинствено место за живеење. И покрај тоа, ние денес се уште дискутираме за тоа дали едно просечно четиричлено семејство ќе може да го преживее месецот со две минимални плати, нагласи претседателот Пендаровски, повикувајќи се на извештајот на УНДП кој, според него покажува дека средната класа во С. Македонија се топи.
Пендаровски подвлече дека степенот на демократија во една држава, пред се, се мери со способноста на државата да овозможи доследно почитување и владеење на правото, а функционалната правна држава е основен предуслов за одржлив јавен поредок.
– За жал, поради корупцијата и особено високата корупција, ние се уште зборуваме за нееднаквост на граѓаните пред законите. Затоа и не треба да бидеме изненадени од нивното незадоволство. Додека се уште преговараме за висината на минималната плата, прогресивниот данок, социјалната помош и другите неопходни мерки за намалување на економската нееднаквост, на повидок е нова генерација на нееднаквости што не може да се надмине само со традиционалните економски политики, рече тој, оценувајќи дека младите висококвалификувани кадри не си заминуваат само поради висината на платите, туку и поради квалитетот на животот и човековото достоинство.
Пендаровски истакна дека станува збор за извештај кој е еден вид отрезнувачки за сите кои во моментов се на различни одговорни позиции, што мора да биде земен со максимална сериозност, внимателност и да се постапува по него.
Пендаровски, во поглед на образованието, рече дека факт е дека нашето образование и државното и приватното се уште не е на европско ниво и оти факт е дека таму ни се потребни длабоки суштински реформи за да не произведуваме само луѓе со дипломи, туку луѓе со знаење.
– Ние во моментов генерално произведуваме многу повеќе луѓе кои имаат парче хартија дека нешто дипломирале или завршиле, меѓутоа тие се беспомошни после излегувањето од факултет на пазарот на трудот затоа што или немаат никаква вештина, или имаат вештини кои не се барани на денешниот модерен пазар на трудот тука, па дури и надвор од нашите граници. Во тој дел претпоставувам дека ни престои уште долг пат. Се надевам дека откога ќе ги почнеме практично преговорите со ЕУ ќе можеме да напредуваме побрзо во таа насока, бидејќи ќе црпиме искуства од државите кои имаат најдобри образовни системи, вели тој.
Во однос на животната средина, рече дека во тој дел назадуваме и оти за првпат во историјата на земјата загадувањето на воздухот ќе биде една од темите за која ќе се разговара на Советот за безбедност, што ќе се одржи на 23 декември.
– Ќе бидат повикани невладините организации кои се активни во оваа област и се разбира ресорното Министерство и надлежните министри и луѓе за да ги соочат аргументите бидејќи навистина мислам дека треба да се направи една надпартиска, една државна стратегија. Меѓутоа, е јасно дека тоа е прашање кое не може да го реши една влада, еден претседател, еден градоначалник во само еден мандат, истакна Пендаровски.
Постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарине Сахакјан, истакна дека Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој неоставајќи никого изоставен, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае на начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој.
Посочи дека годинешниот извештај покажува дека нееднаквостите се широко распространети, некои се однесуваат на животот и смртта, другите на пристапот до знаењето и технологиите кои го менуваат животот.
– Разликата во животниот век меѓу земјите со низок и многу висок човеков развој и покрај тоа што значително се намали, се уште е 19 години. Нееднаквоста не е надвор од решенијата – таа подразбира поширок круг на политики надвор од приходот, надвор од просечноста и од денешницата, истакна Сахакјан.
Додаде се појавува нова генерација нееднаквости околу образованието, технологиите и климатските промени.
Бен Слеј претставник на УНДП за Европа и Евроазија рече дека Индексот за човековиот развој опфаќа неколку фактори – можности на луѓето да живеат долг и продуктивен живот, здравство, образование, животен век.
– Индексот на човековиот развој покажува дека во споредба со останатите земји од Западен Балкан, човековиот развој во С.Македонија не е толку висок, колку што би требало да биде. Исто така покажува дека во С. Македонија има висок раст кој е комбинација на приходите, пристап до здравство и до образование, за разлика од повеќето од вашите соседи, што е добра комбинација, доколку продолжи тоа темпо. Потребно е ресурсите да се инвестираат на вистинските места, не само да продуцирате дипломи, туку да произведувате добро образовани луѓе со вештини. Не само да градите болници, туку да овозможите луѓето да живеат подолго и да имаат продуктивен живот. Ова се тие предизвици и за тоа е всушност и извештајот, вели Слеј.
Вели дека во однос на образованието, се забележува дека жените во земјите од Западен Балкан имаат подолг животен век од мажите и се пообразовани од мажите. Но, во работните места од наука, технологија и инженерство, сепак мажите се уште предничат, и тука бројот е над половина.
Марјан Петрески од Фајнанс тинк (Finance Think) вели направиле обид да го национализираат извештајот и оти со нивната анализа покажале неколку индикатори коишто се однесуваат на нееднаквоста во С. Македонија.
– Видовме од тие индикатори дека всушност нееднаквоста ако ја гледаме како нееднаквост во доходот, тогаш одредени прашања што би можеле таму да се појават како проблематични и бараат третман преку согледување на нееднаквостите во можностите. Кога зборуваме за нееднаквости во можностите зборуваме главно за нееднаков пристап до образование, нееднаквост во квалитетот во образованието, нееднаквост кај социјалната, кај здравствената заштита, нееднаквости на пазарот на труд, различен квалитет на работните места што се достапни особено за младите луѓе и нееднаквостите во пристапот до правдата, рече тој.
Според податоците што тој ги прикажа, во поглед на пристап и квалитет на образованието, нееднаквите можности започнуваат од раното детство и потоа се повторуваат и продлабочуваат.
Во поглед на пристапот до пазарот на труд и квалитет на работните места, анализата на податоците покажала дека вработувањето е понедостапно кај пониските доходни групи, и дури и кога вработувањето е достапно, квалитетните работни места не се еднакво достапни.
Кога зборуваме за дискриминација врз основа на род и етникум, жените се соочуваат со повевеќекратни нееднаквости. Според податоците, генерално родовите економски нееднаквости водат до 16 отсто на загуба од БДП годишно.
Податоците на Фајнанс тинк покажуваат дека нееднаквостите и дискриминацијата се потенцијално засилени кај одредени етнички групи, а ранливоста на Ромите, особено на жените и децата, ја одредуваат нивната нееднаквост.
Врз основа на анкети на граѓани, дошле до податоци дека сиромашните и маргинализираните групи граѓани имаат непресретнати потреби за правна помош и ретко пристапуваат кон решавање на своите правни проблеми. Исто така финансиското ограничување за посета на лекар е најголемо кај посиромашните сегменти.