Лембовска: Потребна е поголема отчетност и транспарентност на безбедносно – разузнавачките служби во земјава

Членството во НАТО има позитивни ефекти и одредени стандарди во однос на професионализација на безбедносно – разузнавачките служби во земјава, што треба да ги задоволиме за да учествуваме како рамноправни партнери во сите заеднички активности, но на НАТО, демократски капацитет, отчетност и транспарентност на безбедносните служби кон домашната јавност сепак не е главен фокус. Ние самите, како граѓанско општество и сите други чинители во државата треба да се залагаме за поголема отчетност и транспарентност на овие служби.

Ова го истакна денеска Магдалена Лембовска од Евротинк – Центар за европски стратегии, на денешната панел-дискусија „Дали НАТО и ЕУ се гаранција за реформирани безбедносно-разузнавачки служби?“ во Скопје, на која се разменија искуства со претставниците од Србија и Црна Гора.

Таа додаде дека реформата на безбедносниот сектор е постојан процес, а стана многу актуелен со воспоставувањето на нова Агенција за национална безбедност, но според неа, со ова само се воспоставиле контурите на реформата, допрва треба да видиме дали овие институции ќе бидат отчетни и транспарентни.

-Честопати како аргумент се користи дека самото членство во НАТО е потврда за квалитетот на работењето на нашите професионалци од безбедносно разузнавачките служби, и дека тука веќе не треба да го воведуваме во прашање нивниот професионален интегритет. Навистина,членството во НАТО има позитивни ефекти, има одредени стандарди во однос на професионализација на службите, но тука не постојат такви барања и стандарди кои членките на НАТО треба да ги исполнат, рече Лембовска.

Таа истакна дека како дел од нивното истражување пратиле барања до трите служби, согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, и како што рече, на истите прашања од различни служби добиле различни одговори во смисла на степен на класифицираност.

-Кај една служба одредена информација е информација од јавен карактер, кај друга е класифицирана како строго доверливо, кај трета како државна тајна. Тоа не е добра практика, покажува дека имаме проблеми во однос на тоа како се одредува класификацијата на информациите и во секој случај тоа не е добро. Бараме да има зголемена отчетност и транспарентност кон оние институции кои се задолжени да вршат надзор и контрола, а тоа се институции чии членови имаат безбедносни сертификати од највисок степен, и можат да не уверат нас како граѓани дека овие служби на вистински начин си ја вршат работата, додаде Лембовска.

Во Србија, земја која веќе преговара со Европската Унија, Лембовска додаде дека нема некое позитивно влијание во однос на отчетноста и транспарентноста на безбедносниот сектор, односно нивната политичка ситуација многу наликува на она како беше во нашата држава пред неколку години, забележана е зголемена политизација на самата служба и намалување на демократскиот капацитет.

Како што искатна Дина Бајрамспахиќ од Институтот Алтернатива од Црна Гора на денешната дискусија, членството на Црна Гора во НАТО помогна да се модернизира безбедносниот сектор, но она што е фокус на земјите членки на НАТО, не е во потполност еднакво со она што граѓаните ги интересира.

-Ние како граѓани сакаме да видиме дека овој сектор има одговорен однос кон нас и да одговара на целокупната јавност а не само на политичката елита. НАТО најмногу се интересираше да се воспостави канали на комуникација кои ќе бидат на високо ниво на заштита, за земјите членки да можат да разменуваат податоци со нашиот безбедносен сектор и во таа смисла постигнат е одреден напредок. Но, кога е во прашање транспарентност и одговорност, тоа не беше во фокусот за време на процесот на интеграција, така да ние кога влеговме во НАТО имавме апсолутен пад на достапноста на податоците кога е во прашање Агенција, рече Бајрамспахиќ.

Предраг Петровиќ од Белградски центар за безбедносна политика од Србија истакна дека пред неколку години Српската Безбедносна Информативна Агенција, што е најважна служба за безбедност во Србија, претставувала добар пример во пракса, затоа што поставила личност која ќе комуницира со медиумите,  ќе одговара на нивните прашања и ќе објавува се што нив ги итнересира.

-Но, во 2014 година кога Српската Напредна Странка ја преземала во потполност власта, таа пракса е целосно сменета. Сега имаме потполно различен тренд. Безбедносните служби, но сите државни институции се затворени за јавноста и за медиумите. Ние наместо транспарентност, наместо безбедносните служби да одговараат на медиумските прашања, тие пласираат информации, со цел водење кампањи против истражувачките новинари или против опозицијата, рече Петровиќ.