Берово и Пехчево креираат заедничка визија за регионот на Малешевските Планини

Чисти реки и кладенци, зачувана природа, живи села и побелени падини со овци, развој во хармонија со природата за потребите на жителите, посетителите и инвеститорите. Ова како иднина за својот крај го посакуваат беровци и пехчевци кои на заедничка работилница дебатираа за визијата за регионот на Малешевските Планини.

Организатор на настанот беше Македонско еколошко друштво, како дел од активностите за информирање и вклучување на засегнати страни од регионот во процесот за прогласување на Ченгино Кале како заштитено подрачје.

– Посакуваме атрактивна дестинација за туристите, кои ќе уживаат во збогатената туристичка понуда. Сето тоа треба да биде надополнето со соодветна инфраструктура по планинските патеки, со планински куќи и домови за одмор и рекреација, како и традиционална храна, зголемен рурален развој и подобрен стандард на локалното население, истакнаа организаторите.

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, кој ја отвори работилницата, истакна дека заштитено подрачје од пониска категорија може да донесе само бенефит за локалното население, а притоа да биде без ограничување.

На работилницата учествуваа претставници на општините Берово и Пехчево, како и претставници на владини и невладини организации од секторот шумарство, земјоделство, лов, туризам и бизнис секторот.

Во рамки на втората фаза од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, преку проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, предвидено е воспоставување на заштитени подрачја во сливот на река Брегалница. Во процесот на одбирање на приоритетни подрачја за заштита, во соработка со клучните страни и со одлука на Источниот плански регион беа селектирани Осоговските Планини и Ченгино Кале, како најпогодни подрачја за отпочнување на процес за прогласување.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *