Градоначалникот на Општина Штип годинава орденот „Свети Никола“ ќе го додели постхумно на првиот премиер на експертската Влада на независна Македонија, Никола Кљусев.
Штипскиот градоначалник Благој Бочварски на денешната прес-конференција истакна дека Кљусев во родниот Штип го завршил основното и средно образование, а учествувал и во Антифашистичкиот отпор на партизанските единици. По завршувањето на Економскиот факултет во Белград, а потоа и добивање на звањето доктор на науки, Кљусев работи во неколку институции, а бил и член на МАНУ. Како врвен економист Никола Кљусев станал член на економскиот совет на СФРЈ и на економскиот совет на Социјалистичка Република Македонија, а работел и на низа на научни проекти.
– Никола Кљусев беше првиот премиер во првата експертска Влада по осамостојувањето од 1991 до 1992 година. Нашите сограѓани се гордеат со тоа. Впрочем, тоа покажува дека штипјани од две страни го сочинувале државотворниот капацитет на нашата држава. Штип го дал и првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, како и првиот премиер на експертската Влада, Никола Кљусев. Тоа се факти коишто сите треба заеднички да ги уважуваме, а со тоа да го промовираме и нашиот град, како колепка на државата, рече Бочварски.
По повод патрониот празник на градот Штип, „Свети Никола“ – 19 декември, признанието „Свети Никола“ ќе го добијат касарната „Јане Сандански“, која ќе стане база на најмоќниот воено политички сојуз НАТО, потоа Стојан Троицки, еден од основоположниците на фестивалот на забавна музика „Макфест“ и познатиот социјален работник, Лилјана Крстева, која 20 години е претседател на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.