Обновливи извори на енергија, каменоломи и рудници, градежни материјали, инфраструктура, земјоделство и храна и туризмот, се шесте области со најголем интерес за соработка на Грција со С. Македонија, според „Бизнис упатствата 2019“ од Канцеларијата за економски и трговски работи од грчката амбасада во Скопје.
Опширниот и детален информативен документ со податоци и информации го објави грчката новинска агенција АНА-МПА и за секоја од наведените области содржи податоци што се однесуваат на нашата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
Во секторот за обновлива енергија, од грчката амбасада во Скопје информираат дека „владата на С. Македонија како цели за енергетска политика го постави за зголемување на домашното производство на енергија преку привлекување инвестиции во обновливите извори на енергија“.
Додаваат дека земјата по долг период на стагнација, одново го активира реформскиот процес во енергетскиот сектор, особено преку новиот закон за енергетика што стапи на сила во мај 2018 година.
– Земајќи го предвид лесниот пристап и географската близина на С. Македонија, соодветно е да се истражат сите изгледи за соработка и заеднички проекти. Индикативно, би можеле да се разгледаат критериумите, како што се социјални, економски, топографски, хидролошки, геолошки, еколошки, како и економска додадена вредност со цел правилно да се класифицираат и областите што ќе бидат избрани за најсоодветни за идна употреба на земјиштето, но и видот на инвестицијата што би можело да се направи, пишува во информативниот документ во однос на изворите на обновлива енергија.
За металургијата, рудниците и каменоломите, од грчката амбасада во Скопје информираат дека е една од најважните области во земјата и пренесуваат податоци од македонските надлежни служби, но и активностите на грчките компании во конкретниот сектор.
– Во однос на можностите за други грчки компании, како што споменуваат компаниите што се веќе активни во овој сектор, земјата има добра образовна основа, има добри универзитети, што значи дека може да донесе дури и иновации на различни полиња. Новите инвестиции би можеле да се искористат за да се создадат можности за младите луѓе кои ја напуштија земјата (brain drain) да се вратат, обезбедувајќи можности за кариера во голем број сектори на економијата, пишува во документот.
Областа на градежните материјали, според информативниот документ, е од традиционално најважните области, што по период на криза, постепено закрепнува.
Во однос на транспортот и инфраструктурата „Владата на С. Македонија во повеќе наврати ја истакнува важноста што ја придава на спроведувањето на проектите што се однесуваат општо на инфраструктурата и особено на транспортната инфраструктура на земјата“.
– Важноста на патната инфраструктура за С. Македонија станува разбирлива, ако се земе предвид дека 85 отсто од патниците и 91 отсто од извезената или меѓународно превезената стока се транспортираат по пат, пишува во документот и детално ги објаснува проектите во нашата земја за изградба на патишта, но и за железничко поврзување.
Паралелно пренесува и податоци за авиосообраќајот во С. Македонија, споменувајќи ја и авионската линија Скопје – Атина.
Во однос на транспортот, во документот пишува дека од солунското пристаниште планираат да формираат терминал во Скопје (dry port) што би можело да им служи и на други региони од Западен Балкан.
– Во суштина станува збор за создавање комбиниран терминал за транспорт, кој ќе биде директно поврзан, преку патната или железничката мрежа, до пристаништето и во суштина ќе биде центар за поморски превоз до и од копнените дестинации. Покрај улогата во префрлање товар, „dry port“ може да вклучува и делови за складирање на стоки, патен или железнички транспорт на стоки и услуги за царинење, пишува во документот.
Од амбасадата додаваат дека формирањето на вакво нешто во Скопје, ќе придонесе во решавањето на проблемите со складирањето на пристаништето во Солун и ќе го олесни протокот на товар помеѓу бродовите и големите транспортни мрежи, создавајќи поцентрална точка на дистрибуција.
Исто така го споменуваат и одобрението од владата на С. Македонија за пуштање во употреба на нафтоводот Солун – Скопје, што освен што „значително ќе придонесе за зајакнување на безбедноста на снабдувањето со енергија во земјата, исто така ќе помогне да се растовари граничниот премин Евзони – Богородица и патната мрежа, во корист на целокупните трговски текови“.
Извозот на тутун, месо и млечни производи, меѓу другото, се споменати во делот посветен на земјоделството и храната.
– С. Македонија, за Грција е мал, но интересен пазар за извоз на земјоделски машини, за создавање мешани бизниси (на пр. во областа на производство на добиточна храна и суровини за добиточна храна), како и за трансфер на техничко знаење и обука на земјоделците со цел надополнување на земјоделското произведување што е дефицитарно во нашата земја, пишува во документот.
Шестата област е туризмот, за која од Канцеларијата за економски и трговски работи од грчката амбасада во Скопје велат дека е мала економска активност во С.Македонија во однос на придонесот за БДП и ги споменуваат посетите на македонските државјани на Грција, како за време на летото така и за викендите.
– Во соработка со туристички агенции во Грција, би можело да постојат заеднички туристички прекугранични пакети во области со посебна природна убавина, како што се Охридското и Дојранското езеро. Исто така има интерес за тематскиот туризам (спортски, религиозен, агротуризам, итн.), пишува во „Бизнис упатствата 2019“ од Канцеларијата за економски и трговски работи од грчката амбасада во Скопје, што ги пренесува грчката новинска агенција АНА-МПА.