Нови достигнувања: Дигитален систем за богатото археолошко наследство

Институтот за старословенска култура од Прилеп веќе една година интензивно работи на проектот „Географски информациски систем- дигитални средини за дигитални културни вредности“. Системот е наменет за сеопфатно осознавање на податоците, истражувањата и третманот на богатото археолошко културно наследство и фаќање чекор со европските достигнувања.

Како што објасни Кристијан Талевски, истражувач од Институтот, се прави огромна дигитална база на податоци и е голем исчекор со примена на современите технологии. Спроведен е на шест локалитети во државава.

– При создавањето на системот тргнавме од две основни тврдења: прво, културното наследство е чувствително и подложно на постојани промени. Поради тоа е постојано изложено на одреден ризик. Второто е тврдење дека за ефективно управување со културното наследство, неопходно е ние да го осознаеме. „Географскиот информациски систем – дигитални средини за дигитални културни вредности“ е пилот-проект со кој се покриваат сите фази од третманот на културното наследство. Значи, буквално, од самото истражување и евидентирањето на културното наследство, преку анализата на податоците, па презентацијата и промоцијата на податоците. Овој проект е спроведен на шест локалитети од римскиот период; „Стоби, „Скупи“, „Баргала“, „Големо Градиште Коњух“, „Хераклеа Линкестис“ и „Лихнид“. Во фокусот е недвижното наследство. Главно, информациите се поделени во две групи: информации за самите археолошки локалитети и информации за градбите. За секој локалитет има по околу 100 атрибути, а за секоја градба по 70-ина информативни показатели. Станува збор за обемна база на податоци. Имаме фантастична национална квалификација за културното наследство, а каде немаме правно регулирано, се користеа лексикони, информации од бази со податоци, главно од Британците, објаснува Талевски.

Првичната идеја, вели истражувачот Талевски беше, на некој начин, да се разбуди свеста кај луѓето кои се најодговорни за управувањето со културното наследство. Но поради, дел објективни, дел субјективни проблеми, очигледно е дека во овој момент тоа е невозможно. Во моментов ситуацијата е релативно лоша зашто има малку интернет-страници на локалитетите и оскудни информации што овозможува квази-истражувачи да нудат нерелевантрни податоци.

– Имаме интернет-страници за само неколку археолошки локалитети во државава. Пристапот до информации за културното наследство е строго ограничен, што остава простор одредени квази-научници и квази-истражувачи да пласираат информации кои не се релевантни. Но, доколку ние имаме еден ваков систем кој ќе се полни од стручњаци и кој ќе содржи информации кои ќе ги истражуваат научници-истражувачи, тогаш можеме релевантните информации да ги пласираме до пошироката јавност. Институтот за старословенска култура се обидува да изгради критична маса, па сметаме дека преку работилници, преку едукација на млади луѓе, во средно или студенти, да се рашири работата со географските информациски системи, што е можно повеќе луѓе нив да ги користат, за потоа, по години, сето да го издигнеме на повисоко, државно ниво, смета Талевски.

На овој план во Европа е далеку стигнато, особено во Велика Британија. На Балканот, најдалеку се стигнати во Словенија, па во Хрватска, Бугарија. Ова е процес кој трае со години, а неопходна е и државна помош.

– Кај нас основите се поставени и ако имаме јасна цел, стратегија кон што целиме, вистинските резултати може да ги очекуваме за, минимум 10,15 па и 20 години. Без поддршка од државата, ова е невозможна мисија, вели Талевски нагласувајќи дека ова е пилот-проект со помош на Канцеларијата на ЕУ и Министерството за култура.

Бранко Ристески, археолог и директор на Институтот за старословенска култура ги нагласува трите аспекти и огромните придобивки од ваков Систем на дигитална база на податоци.

-Користењето на современите технологии во истражувањето и проучувањето на културното наследство, може да се согледа низ три аспекти: стручно-научни, научно-истражувачки и третиот аспект, би го нарекол – утилитарен. Сето ова значи предокументирање на класичната археолошка документација на културното наследство, достапност на стручно-научно проверени податоци за секаква намена, па до туристичка експлоатација. Посебно ни е важна можноста за методолошки исчекор во проучувањето на културното наследство. Тоа овозможува ново ниво на осознавање, вели Ристески.