Економските потенцијали на Виница презентирани на бизнис самит во Кина

Економските потенцијали на Општина Виница беа презентирани на бизнис самитот „Патот на свилата“ што во текот на изминатите десетина дена се одржа во Кина, а на кој присуствуваа 173 членки од 60 земји од целиот свет.

На самитот присуствуваше градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, кој пред присутните ги претстави можностите во туризмот, културата, геотермалните води, природниот потенцијал на планината Плачковица, а оствари и повеќе средби со потенцијални инвеститори.

– Заедно со Општина Делчево, нашата локална самоуправа годинава по вторпат беше активен учесник на бизнис самитот во Кина и ние сме првите две општини од Македонија кои присуствуваат на овој голем и значаен собир. Имавме ретка можност општината да ја промовираме надвор од границите на Европа, на Далечниот Исток, во една од најбрзорастечките економии во светот каква што е Кина. Очекувам контактите да донесат нови перспективи за развој на Виница, а всушност и прифаќањето на поканата за членување во оваа Алијанса е токму со таа цел, истакна градоначалникот Димитров.

Урбаната алијанса „Патот на свилата“ е здружение на градови од различни земји и региони кое се темели на вредностите на еднаквоста, реципроцитетот и доброволноста и таа е посветена на промовирање и поврзување, споделување придобивки, културна и трговска соработка и пријателски односи меѓу градовите членки.

Посебен аспект има промоцијата на културната и трговската размена меѓу градовите од различни земји и региони, за да се олесни нивното приспособување кон инвестициските потреби и да се зголеми одржливиот заеднички развој на градовите.