Компостерски единици на шведската фирма „Бигхана“ се пристигнати во Пробиштип и се распоредени на две локации согласно со претходно утврдените евалуации на теренот и критериумите по проектот „БИООТПАД“.
Марија Митева вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Пробиштип вели дека од тимот од професори ангажирани како технички лица и раководителите на проектот од страната на Универзитет „Гоце Делчев“-Штип, како и техничките и експертските лица од страна на Општина Пробиштип, имаа обука за ракување и управување со компостерските единици.
–Обуката беше спроведена од страна на Сесилија Ек од Шведска, претставник на компанијата Бигхана и Константин Тумпалов од Софија, Бугарија, од бугарското претставништво на фирмата. Понатаму техничките лица и експертите истата обука ќе ја спроведат и на локалното население кое ќе биде вклучено во проектот и ќе има свој удел во пишувањето историја во процесирањето на органско ѓубриво во Македонија , вели Митева.
Таа потенцира дека станува збор за исклучително квалитетни и корисни машини кои работат компостирање во сосема затворен процес без никакво штетно влијание врз животната средина, а придобивките од нив се органско ѓубриво кое ќе може да се користи за јавните површини на општината, но и промена на навиките на луѓето во справување и сепарација на отпадот. Проектот се реализира преку програмата „Балкан Медитеран“ и ќе трае до 31 мај 2020 година.