Димитров: Идентитетот не може да биде предмет на преговори

Идентитетот не може да биде предмет на преговори бидејќи не е предмет на одлука, тоа е резултат на историски процес. Тоа прашање е многу поголемо и од мене, и од преговарачите, и воопшто целата генерација на денешните политичари, па веројатно и на идните. Така што ако дојдеме до таа точка за решение каде треба да се допре до идентитетот, за жал нема да има решение. Меѓутоа, ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат.

Ова го истакна шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на заедничката прес-конференција со медијаторот Метју Нимиц, одговорајќи на новинарско прашање дали покрај за името, се разговара и за промена на идентитот.

Димитров изјави дека станува забор за исклучително важно прашање за граѓаните на РМ и се следи со големо внимание и загриженост.

– Ние имаме целосно разбирање за тоа. Сакаме ова прашање да се реши на начин што и кај нас и во Грција ќе се смета за достоинствен. Имаме разбирање за граѓаните на Грција кои се идентификуваат како Македонци, но во Европа во 21 век не само нашите соседи во Грција туку никој не може да го допре и нашето право да бидеме Македонци и да зборуваме на македонски јазик, кој е во групата на словенски јазици, рече шефот на дипломатијата.

Нимиц изјави дека досега не чул ништо од грчката страна што би значело порекнување на идентитетот на народот во Македонија.

– Бидејќи го покренавте прашањето за идентитетот, не сум чул ништо од грчката страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука, и верувам дека решението кое што е можно е конзистентно со зачувувањето па дури и јакнењето на идентитетот. Јас сум многу оптимистичен. Во овој контекст има разлики во ставовите меѓу двете земји во ставовите, меѓутоа во Атина не сум чул порекнување, негирање на идентитетот, посочи Нимиц.

Според него, Владата во Скопје е сосема квалификувана, компетентна да го зачува идентитетот на народот.

– Мислам дека народот во државава не треба да се грижи за тоа дали има влада која се грижи за нивниот идентитет. Во контекстот на ОН се јавуваат прашања како што е дефиниција на јазикот, дефиниции коишто се користат во меѓународни рамки.  Луѓето, народот се грижи дека ова е аспект  прашање кое што го засега идентитетот. Некои од тие прашања се предмет на дискусија. Верувам дека идентитетот на народите во светот го дефинираат самите народи. ОН работат со држави во однос на тоа како се употребува името на државата во ОН не се расправа за тоа како се идентификуваат и не се расправа за идентитетот, рече Нимиц.