Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во рамките на вториот ден од официјалната посета на Словенија изуринава го посети граничниот премин „Обрежје” на хрватско-словенечката граница.
Придружуван од заменик министерот за внатрешни работи на Словенија, Спасовски беше директно запознаен со работата на словечката гранична полиција, во делот на спречување на илегалните преминувања, но и недозволената трговија и шверц. На министерот му беа презентирани бројките кои ги загрижуваат словенечките власти, а тоа е дека годинава имаат зголемување од 70 отсто на обидите за илегално поминување на границата.
Спасовски во изјава за МИА се заблагодари на словенечката полиција за директниот придонес, кој нивните полицајци го имаат во заштитата на јужната граница на Северна Македонија, каде се дел од меѓународните полициски сили кои повеќе од четири години се таму распоредени.
– Едно е јасно, а тоа е дека мораме да имаме современа опрема со цел да имаме брза и ефикасно контрола на границата. Од една страна да имаме брз проток на луѓе и стока, но од друга страна тоа да биде безбедно, изјави за МИА министерот Спасовски.
На Спасовски му беше презентирана и целата опрема која ја користат словенечните полицајци и начинот на кој тие се обидуваат да го зголемат протокот на нивните граници, но воедно да ја зголемат и безбедноста. За таа цел тие користат најсовремени камери, рентгени, но пред се добро обучени и опремени полициски службеници. Според министерот овие позитивни искуства секако ќе се применат и во работењето на МВР.
Инаку, вчера Спасовски во Љуљана се сретна со неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар при што договорија поголема соработка меѓу двете министерства и полиции со цел сузбувањето на нелегалната миграција и криумчарењето на мигранци. Полицијата на Северна Македонија изминатава година спречи над 21 000 илегалци да влезат на територијата на земјата, што е раст од 40 отсто во споредба со минатата.