Малпас: Кризата во учењето бара нов пристап

За повеќето деца, десеттиот роденден е возбудлив момент. Тие сознаваат повеќе за светот и ги прошируваат хоризонтите. Но, многу деца – повеќе од половина од сите 10-годишни во земјите со низок и среден приход – не знаат да читаат и разберат едноставна приказна. Се наоѓаме во центарот на глобална криза во учењето која ги задушува можностите и аспирациите на стотици милиони деца. Тоа е неприфатливо.

Во октомври ги објавивме податоците за да ја поддржиме новата цел во учењето: до 2030 година, сакаме да го намалиме, барем за половина, глобалното ниво на сиромаштија во учењето.

Особено важна вештина е да се научи читање: тоа отвара многу можности и претставува основа врз која се гради останатото учење – вклучително броењето и науката. Елиминирање на сиромаштијата во учењето – дефинирана како процент на деца кои не знаат да читаат и разберат едноставна приказна до 10-годишна возраст – е итна состојба. Тоа е клучно за елиминирање на сиромаштијата генерално и поттикнување на заедничкиот (споделениот?) просперитет. Тоа е клучно за да се помогне децата да го постигнат својот потенцијал.

Но, во последните години, прогресот во намалување на сиромаштијата во учењето стагнира. Глобално, помеѓу 2000 и 2017 година, подобрувањата на резултатите од учењето за учениците од основно образование изнесуваше само 10 проценти. Ако тоа темпо продолжи, 43 проценти од 10-годишните деца нема да бидат во можност да читаат до 2030 година.

Во С. Македонија, неодамнешните резултати од Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА), што ја мерат способноста на 15-годишните ученици да го користат нивното знаење во читање, математика и наука, како и вештини потребни да се соочат со предизвиците во реалниот живот, покажуваат дека земјата значително ги подобрила резултатите во сите три предмети. На пример, резултатите по читање се подобрени за 41 ПИСА бодови, што е еднакво на една година школување. Сепак, во С. Македонија речиси половина од студентите не се во состојба да ги покажат основните компетенции потребни за читање, математика и наука споредено со просекот од еден на тројца студенти од земјите од регионот на Европа и Централна Азија.

Најголемите јазови остануваат помеѓу групите со најголем и најмал приход, т.е. учениците од пониската приходна група  заостануваат за 90 ПИСА бодови, што е еднакво на две години школување.

Добрата вест е, децата кои ќе наполнат 10 години во 2030 година ќе бидат родени следната година. Ако итно делуваме, постои можност да се намали тој тренд.

Целта која ја поставивме е амбициозна, но може да се постигне – и би требало да ја поттикне акцијата кон постигнување на (одржливата развојна цел број 4) СДГ4 – обезбедување квалитетно образование за сите. Ќе биде потребно речиси тројно да се зголеми стапката на прогрес ширум светот, што може да се направи доколку секоја земја може да го мери резултатот со земјите кои постигнаа најголем прогрес во периодот 2000 и 2015 година.

Примерот на неколку земји покажува дека тоа е возможно. Во Кенија, националната програма за читање на Владата за три пати го зголеми процентот за читање на учениците од второ одделение на соодветно ниво. Тоа беше остварено преку технологија за обука на наставници, упатства за наставници и испорака на една книга по дете.

Во Виетнам, чистата, ефективна наставна програма гарантира дека се опфатени основните работи, дека има темелно учење на основните вештини и сите деца имаат материјали за читање. Резултатите од учењето на виетнамските ученици до најсиромашните 40 проценти од приходната скала, се високи или повисоки од просечен ученик во земјите со висок приход.

Предизвиците за намалување на сиромаштијата во учењето ќе се разликуваат помеѓу земјите и регионите. Во некои земји, пристапот до образование останува огромен проблем – 258 милиони млади луѓе глобално беа надвор од училиште во 2018 година. Во други земји, учениците се во училници, но не учат. Со одредување на глобална цел, Светска банка може да работи заедно со земјите во дефинирање на нивните национални цели на образование. Намалувањето на сиромаштијата во учењето на половина до 2030 година претставува само половина од целта. Нашата амбиција е да работиме со владите и развојните партнери да достигнеме нула сиромаштија во учењето.

Како најголем финансиер на образованието во земјите со низок и среден приход, Светска банка ќе работи со земјите во промовирање на вештината на читање во основните училишта. Политиките вклучуваат обезбедување детални водичи и практична обука на наставниците, обезбедувајќи пристап до повеќе и подобри текстови прифатливи за возраста и настава за учениците на јазик кој го користат дома.

Светска банка, исто така, работи со владите и развојните партнери во подобрување на севкупните образовни системи, така што напредокот на писменоста може да биде одржлив и зголемен. Тоа значи да се обезбеди дека децата доаѓаат во училиште подготвени и мотивирани да учат; наставниците се ефективни и ценети, и имаат пристап до технологија; училниците обезбедуваат простор добро опремен за учење; училиштата се безбедни и инклузивни; и образовните системи се добро управувани.

Амбициозната агенда за мерење и истражување ги поддржува овие напори и вклучува мерење на резултатите од учењето и нивните двигатели, континуирано истражување и иновации и паметна употреба на нови технологии за тоа како да се изградат основни вештини.

Кризата во учење не само што го троши потенцијалот на децата, туку штети на целата економија. Тоа негативно ќе влијае врз идната работна сила и економската конкурентност – како што покажува Индексот за човечки капитал на Светска банка, дека на глобално ниво, продуктивноста на просечното дете родено денес се очекува да биде само 56 проценти од она што би било доколку земјите инвестираат доволно во здравството и образованието .

Елиминирање на сиромаштијата во учењето мора да биде приоритет, исто како ставањето крај на гладот и екстремната сиромаштија. Нема да биде лесно, но не можеме да се повлечеме од овој предизвик. Тоа го должиме на децата низ целиот свет, да ја поставиме нашата цел високо, за да можат и тие истото да го направат.

Дејвид Малпас, претседател на Групацијата Светска банка