БАН: Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и прифатливи позиции

Повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји, се наведува во реакција на Бугарската академија на науките (БАН).

– На 3 декември 2019 година Собранието на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) усвои „Повелба за македонскиот јазик“. Во неа се конструирани историски и јазични аргументи за заштита на официјалниот книжевен јазик во Република Северна Македонија како посебен самостоен јазик со континуитет и генеалогија, кој во Скопје е наречен „македонски“, се наведува во реакцијата на БАН.

Бугарската академија посочува дека документот предизвикал „многу сериозни научни забелешки“, поради што бил разгледан од страна на раководството на БАН, откако по него се произнеле и Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања при Академијата.

– На своето заседание на 11 декември 2019 година, Собранието на академиците и дописните членови (на БАН) ги разгледа Повелбата на МАНУ и ставовите на институтите. Членовите на Собранието изнесоа едногласни ставови во одбрана на научните вистини и факти во врска со потеклото, историјата и карактерот на службениот јазик во Република Северна Македонија, кои во наведената Повелба беа претставени неправилно и со замена на научната терминологија. БАН и Собранието сметаат дека ставот на Македонската академија изнесен во документот е неточен и неприфатлив и им наштетува на односите меѓу двете соседни земји. Во таа смисла, ставот на БАН останува едногласен и непроменет – официјалниот јазик во РСМ е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик. Собранието ќе се фокусира на овој научен факт со низа настани што ќе добијат широко јавно и медиумско покривање не само во нашата земја, туку и во странство, се наведува во реакцијата на бугарската Академија.

Оценувајќи дека „фактите бараат посебно внимание“, БАН најавува дека за своите ставови официјално ќе ги извести Националното собрание на Бугарија и повисоките државни институции.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за Дојче веле наведува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.

– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија, додава историчарот Ѓоргиев.

Тој посочува дека и на состаноците на Комисијата, бугарските претставници избегнуваат во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“ и „македонска култура“. Според него, избегнувањето на придавката „македонски“ бугарските членови го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

– Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19. век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија, вели Ѓоргиев.

Тој нагласува дека ако го прифатиме ставот дека сме две земји со испреплетена историја и ако Бугарија очекува „да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да израснат во однос на прашања од сегашноста“.

– Само така може да се направи чекор напред, оценува Ѓоргиев, кој во потегот на БАН не гледа потег што води кон тоа.