Заев: Годинава беше економски добра, со 60.000 нови работни места

Владата не може, а да не биде задоволна од покажаниот раст на економски план, во текот на 2019 година, оцени денеска премиерот Зоран Заев по пуштањето во употреба на леарницата „Краунфилд Фаундри“ во индустриската зона „Неокази“ во Пробиштип.

-Лани овој период во декември проектиравме 3,5 проценти раст. Првиот квартал го завршивме со 4,1 процент. Првото полугодие во просек е 3,6, повеќе од просекот. Второто полугодие е повторно3,6, не може да не бидеме задоволни. Четвртиот квартал, во февруари, март се објавува. Верувам дека исто така ќе биде успешен, за да можеме да кажеме дека 2019 година на проектирани 3,5 проценти, а почнати пред две години на минус 1,8 проценти сме ја завршиле повеќе од проектираното и не можеме, а да не бидеме задоволни, рече Заев.

Но, потенцира, на овој план треба да се работи, а на постигнатото какошто рече да се радуваме и да се користи за наредната година да биде уште подобра.

-Оваа година беше економски добра, како и да е годината ја завршуваме со еден пресек за две годишен период со 60.000 нови работни места. Точно, конретно се знае во која фабрика, во која фирма, во која област се вработени 59.600 граѓани. Тоа се нови квалитетни работни места, рече Заев.

Смета дека меѓу успесите во делот на економијата е и зголемувањето на просечната плата за 2.297 денари, а во споредба со претходните две до три години, растот на платите е 800 или 750 денари.

-Минималната плата сега почна од 1 јануари со 14.500 денари, дополнително огромни 40 милиони евра сме обезбиделе пари за оваа, но и за следната година , за да ги поттикнеме газдите и менаџерите да ги покачуваат платите, да растат. Инвестираме навистина во човечкиот капитал, рече Заев.

Забележа дека повеќе од 14,5 проценти расте севкупната трговија, потоа 5,5 отсто е растот на индустриското производство, а како што наведе Заев, расте и извозот, но и влегуваат нови странски инвстиции. Смета дека како Влада се на вистинскиот пат и во делот на политичките чекори, со кои како што рече, дојде поканата и членството во НАТО.  – В ерувам дека во догледно време Европската унија  ќе си ги заврши внатрешните работи и дебати, за коишто дискутираат. Тоа е новата методологија, идните реформи. Но час поскоро треба да ја исправи историската грешка, којашто ја напрви за нашата земја, вели Заев.