Мали плати, ниска доверба и голема одговорност – слика за македонското новинарство

Медиумите, односно медиумската сфера, е една од клучните области која треба да биде подложена на итни реформи. Тоа е заклучок од укажувањата на ЕУ, извештаите на германскиот експерт Рајнхард Прибе, домашните експерти и политичари, итните реформски приоритети, а е тема и на Планот 3-6-9 на Владата на Зоран Заев.

Новинарите во Македонија работат во небезбедни услови, тепани, киднапирани и навредувани, а институциите не успеваат да казнат ниту еден од насилниците, покажува извештајот за состојбата со слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година.

Анализата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, спроведена во јули и август 2017 година, во која се вклучени 127 медиумски работници, покажува дека во Македонија 85 отсто од новинарите имаат помала плата од 500 евра месечно, а 45 проценти имаат помала плата од државниот просек од 370 евра месечно. Истовремено 54 проценти од новинарите немаат договор за вработување на неопределено време, 19 отсто се привремено ангажирани како хонорарни работници, а на 55 проценти им доцнат платите.

Економски сигурни новинари – услов за професионални медиуми

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, вели дека податоците добиени по пат на анкета меѓу новинари и медиумски работници покажуваат дека просечна новинарска плата е под националниот просек, но, анализата на Министерството за финансии врз основа на пријавените приходи на сите во медиумската индустрија покажува уште подраматични бројки.

– Имено, просечна плата во оваа гранка е помала од 300 евра односно малку над 17.600 денари. Тоа е се што се однесува до приходите кои се исклучително ниски. Дополнително, наодите од анкетата на ССНМ укажуваат на загрижувачки тренд на раст на несигурното „преку трупа“ вработување, со договор на дело или на определено време. Тоа ја прави положбата на новинарите и медиумските работници уште поранлива и поподложна на притисоци, уцени и/или корупција. Доцнењето на платите, исто така, е нова „нормалност“, на која речиси и да не се реагира, вели Чаусидис.

Прашана за тоа во какви услови работат новинарите во Македонија, Чаусидис, вели дека после овие податоци навистина е реторичко прашањето во какви услови работат новинарите: во несигурни и лоши услови, економско условени и обесправени.

– Тоа се должи на многу едноставна и ефикасна метода: ако сакате да се „пазарите“ со уредувачката политика на медиумот што го поседувате, ви требаат послушни новинари кои ќе се согласат да се откажат од професионалното достоинство и ќе пишуваат по нарачка за вашите потреби. За да ги направите новинарите послушни потребно е да ги држите во постојан страв: дека ќе бидат отпуштени, деградирани, казнети…Во ситуација на голема понуда на новинарска работна сила, особено што професијата е пропулзивна па речиси секој може да биде новинар, сопствениците на медиумите и менаџерите тоа го користат да наметнуваат свои правила на игра, посочува Чаусидис.

За тоа што е преземено досега и што реално може да се направи за подобрување на позицијата на новинарите, Чаусидис го посочува ставот на ССНМ дека само економски сигурен и слободен новинар може да продуцира слободна и професионална медиумска содржина.

– Значи новинар кој нема да ја активира автоцензурата или кој нема да биде подложен на корпуција или уцена. Поради тоа и почнавме со синдикално организирање и во таа насока работиме и понатаму, истакнува Чаусидис.

Во однос на тоа колку новинарите се моќни во преговорите и како да ги зајакнат, Чаусидис, вели дека сигурно не можат ништо да сменат – со неправање ништо и чекање некој друг ако може да се избори, додека „си ја чуваме сопствената удобност“.

– Значи можат да се организираат и колективно, не само во своја полза, туку во полза на професијата да се борат за подобрување на професионалните и работни услови. Што се однесува до преговорите колку сме моќни ќе видиме во моментот кога навистина ќе почнеме со колективно преговарање. Ние изготвивме нацрт Колективен договор кој е всушност позицијата на новинарската фела во некои се надевам не долку далечни идни преговори, вели Чаусидис.

ССНМ и воопшто новинарите, посочи таа, имаа прилика да си ја проверат моќта во неколку наврати кога протестираа за Кежаровски, кога протестираа за хонорарците и кога организираа заеднички акции против оние кои ја гушеа слободната мисла.

– Така што јас немам дилеми и не се сомневам во моќта на новинарската заедница кога таа успева да ја препознае заедничката цел. Работата е сега да препознаеме дека прашањето за тоа колку сме платени, дали работиме во услови кои поттикнуваат, а не задушуваат слободно изразување, наградуваат талент и интегритет, а не послушништво е наша заедничка цел. Ако во тоа успееме, реализација и враќањето на довербата е само прашање на време, нагласува Чаусидис.

Новинарите имаат низок кредибилитет и висока автоцензура

Според извештајот на Фридом хаус, Македонија во 2016 година припаѓа на групата земји кои имаат (не)слободни медиуми, а степенот на автоцензура на новинарите во Македонија е на најголемо ниво во регионот ако се земат во предвид индикаторите за слободата на новинарите и медиумите од кредибилни медиумски мрежи.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, смета дека, слободата на медиумите и слободата на говорот, не е прашање на закон.

– Законот е неопходен за регулација на некои основни прашања во медиумската сфера, како што е впрочем праксата и насекаде во Европа. Промените кои сега се предлагаат, што се однесуваат на регулаторното тело и јавниот сервис, на пример, се на линија на тоа што го бараше медиумската заедница. Но, слободата на медиумите и слободата на говорот, не е прашање на закон. Тоа се уставно загарантирани категории, чие применување и почитување зависи од нивото на општествена и политичка култура. Ние како општество, треба да ги унапредуваме овие вредности кои се загушија во политичките турболенции изминатите десетина години. Со подобрување на политичко-општествента клима, чија рефлексија се и медиумите, верувам дека земјата ќе се врати во некој нормален колосек во однос на медиумската состојба, вели Петковска.

Прашана на што се должи лошата состојба на медиумите, Петковска, како прво посочува дека на медиумскиот пазар во Македонија има премногу медиуми, меѓу кои некои во изминатите години работеа (и се уште работат) во услови на нефункционален медиумски пазар, кога во нив се слеваа средства од државни реклами и од други извори поврзани со економски и политички центри, што ја одржуваше нелојалната конкуренција.

– Во такви услови, кога имате поврзаност на медиумите со политичките и бизнис елитите, имате ситуација кога многу медиуми вештачки се одржуваат на пазарот, па имавме ситуации на медиуми со реално еден до двајца вработени кои земаа минимални плати. Во медиумите на национално ниво, ситуацијата беше и се уште е генерално подобра, меѓутоа далеку сме од стандардите, односно од тоа колку би требало да изнесува платата на еден новинар за да може тој да почувствува дека неговиот труд и одговорност се вреднувани соодветно на тоа и  да продолжи да придонесува со висококвалитетен и професионален ангажман, смета Петковска.

Од друга страна, посочува Петковска, по прекинувањето на државните реклами во 2015 година, и по промената на власта, повеќе медиуми, главно печатени се затворија, а некои западнаа во тешка финансиска криза.

– Тоа остави многу новинари на пазарот кои практично не можеа да избираат каде и за колку пари да работат. Во изминатите десетина години, аргументот на многу новинари беше дека поради тоа што ситуацијата во поголемиот број медиуми беше слична, односно многу од нив беа под влијание и притисоци на политичките и бизнис центрите на моќ, тие беа принудени да работат и под притисоци, и со самоцензура и за ниска плата. Но, имаше и такви медиуми кои решија да останат доследни на професионалниот интегритет, стандарди и начела и започнаа свои проекти, исто така, со финансиски проблеми, финансирајќи се преку странски проекти и обидувајќи се да опстанат на пазарот, нагласува Петковска.

Медиумите под силно политичко влијание и ниска доверба од граѓаните

Според анкета спроведена во рамки на истражувањето на „Балканскиот барометар 2017“, 72 отсто од граѓаните во Македонија сметаат дека медиумите се целосно или делумно под политичко влијание, додека само 23 отсто не би се согласиле со таа констатација.

Истражувањето „Граѓаните и новинарите за професионалноста во медиумите“ на Центарот за управување со промени и Институтот за човекови права покажува пад на довербата на граѓаните во медиумите, од кои 66,3 проценти сметаат дека во медиумите има пропаганда, 57,9 дека користат говор на омраза и 52,4 дека се корумпирани. Шеесет проценти од граѓаните се убедени дека медиумите немаат влијание врз нивните ставови, додека половина од медиумите очекуваат само да информираат, а не и да понудат решенија.

Истата анализа покажува дека новинарите имаат самосвест за кризата и состојбата во медиумите каде 71 процент од новинарите сметаат дека нивниот углед е низок, а високи 89 проценти дека се корумпирани.

Според Петковска од МИМ довербата во медиумите може да се врати само доколку тие се отргнат од политичките и бизнис центрите на моќ и почнат да известуваат во интерес на сите граѓаните.

– Доколку го свртат фокусот кон обичниот човек, неговите проблеми, грижи, интереси и секојдневие и покажат дека политиката е сервис на граѓаните. Доколку гледаме и читаме професионално направени вести во кои има истражувачко новинарство, има спротивставени мислења, гласови на маргинализираните, на чувствителнте, доколку се „размножат“ новинарски имиња кои се авторитет за самите политичари, доколку граѓаните имаат богата, разновидна и пред се, квалитетна, програмска понуда… Досега многу медиумски и граѓански организации спроведуваа обуки, конференции, дебати во однос на тоа како да се унапредат професионалните стандарди во македонското новинарство, но, прво треба да се почне од највисокото ниво – да се ослободат медиумите од сите притисоци и релации, а потоа тоа ќе се рефлектира до новинарите, од кои најголемиот дел знаат мошне професионално да ја вршат својата работа, доколку тоа го прават слободно, вели Петковска.

Прашана, како новинарите да ја вратат позицијата на чувари на јавниот интерес и контролори на работата на властите, Петковска вели дека тоа е можно доколку уредниците и новинарите се водат исклучиво од јавниот интерес.

– Односно, работат и одлучуваат во зависност од тоа што е во интерес на граѓаните, а притоа не се занимаваат со тоа дали нивната работа ќе се одрази на бизнисот или на политичките релации на сопственикот на медиумот, само во тој случај тие ќе можат ефикасно да ја контролираат работата на властите. Но, за тоа се потребни финансиски силни медиуми, сопственици со интегритет, чиј медиумски бизнис не зависи од политичките констелации, и уредници со професионален интегритет, кои ќе можат  да одбијат се што не е во согласност со професионалната етика, истакнува Петковска.

Од друга страна последниот извештај на ЗНМ, констатира дека за жал, поради небезбедната средина во која работат новинарите и практиката на неказнивост, како и поради лошите економски услови во кои работат новинарите речиси и не се во можност слободно да ги изберат темите за кои известуваат. Новинарите, исто така, ретко пријавуваат случаи на директен притисок или цензура, а кога го прават тоа, најчесто бараат да останат анонимин плашеќи се да не бидат отпуштени од работа. Поради ова, ЗНМ и ССНМ се спречени да покренуваат тужби, да ги искористат и другите правни механизми или да извшат јавен притисок.