Сајбер и хибридните закани, пропагандата, дезинформациите и „лажните вести“ се глобален проблем и имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат насилен екстремизам и говор на омраза, порача министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски во воведното обраќање на Четвртата регионална конференција за координирана превенција од безбедносни ризици во Југоисточна Европа, што денеска се одржува во италијанскиот град Трст.
– Во таа насока е апсолутно важно да се има стратегија и акциски мерки за сајбер безбедност. Тие треба да обезбедат сигурно, безбедно и доверливо дигитално опкружување, поддржано од квалитетни капацитети, кои се базираат на доверба и соработка во полето на сајбер безбедноста, потенцира Поповски.
Министерот посочи дека нашата земја во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со сајбер закани и со значително ширење на дезинформации и го презентираше последниот детектиран хибриден напад врз премиерот Зоран Заев, од страна на хибридни центри за манипулација преку злоупотреба на идентитетот на Грета Тунберг.
– Ваквите хибридни Deep Fake напади врз демократските влади имаат цел да ги затворат и уплашат отворените општества. Тие се закана за транспарентните влади. Но, Владата на Република Северна Македонија нема да престане да биде отворена и транспарента во комуникацијата. Напротив, ние ќе ја зголемиме активната транспарентност на сите владини институции, истакна министерот.
Во своето обраќање Поповски говореше и за владиниот предлог план за борба против дезинформациите и нападите врз демократијата.
– Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата на Република Северна Македонија е прва влада во регионот, вклучувајќи ги Бугарија и Грција, којашто има стратешки план за борба против лажните вести. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните и да ја браниме и унапредуваме демократијата, рече Поповски.
Тој потсети дека во јули годинава на Глобалната конференција за слобода на медиумите во Лондон, Република Северна Македонија стана потписник на Глобалната заложба за слобода на медиумите, со којашто над 100 земји потписнички формираа Коалиција за поддршка на слободата на медиумите и се обврзаа да дејствуваат заедно за заштита на слободата на медиумите и новинарската професија.
– Пред нас е голем предизвик. Јас сум сигурен дека со заедничка соработка и со организиран фронт за борба против сајбер заканите и лажните вести, ќе најдеме начин да ги заштитиме граѓаните и од ова зло, нагласи министерот Поповски. вј/сп/