Каква спогодба подготвува владата, кога не постојат политички предуслови за консензус околу името, се прашува претседателката на ПАСОК и лидер на Движење за промена Фофи Генимата, во писмената изјава испратена до медиумите.
Генимата, јави дописникот на МИА од Атина, ја обвинува грчката влада за тајно дејствување и уште еднаш повторува дека е потребно да се свика лидерска средба по претседателот на државата.
– Се прашувам каков вид спогодба за решение подготвува владата за прашањето на ПЈРМ. Кога недостигаат елементарни политички предуслови за консензус. Тоа што се одлучува тајно не е национална линија и не им служи на националните интереси. Продолжете со погрешните активности што го делат грчкиот народ. Мојот предлог за совет на политички лидери, сега е уште понеопходен, вели Генимата, пренесува МИА.