Отворен ден на општина Тетово, истакнати граѓански предлози за реализација со буџетот во 2020 година

Претставници на здруженија на граѓани, организации и поединци посочија пред раководителите на општинските сектори предлози и идеи за реализација со буџетот на општината за 2020 година. Според барањата на граѓаните, во Тетово има голем број места каде нема основна инфраструкура за урбано живеење.

-Постојат улици во населбата Поток како „Вера Циривири-Трена“ и на други места како улица „146“ каде се уште нема водовод и канализација. Улицата „Гоце Делчев“ исто така е потребно да се реконструира поради тотална руинираност, посочи Незир Хусеини од организацијата „Сонце“.

Џемал Абдиу од Движењето против коцкање истакна дека нема доволно места за паркинг, оти патиштата се во лоша состојба. Очекуваме, рече тој, повеќе зеленило, фали светлина, не се осветлени дел од улиците, а веднаш треба да се направи нешто со кучиња скитници.

Голем дел од прашањата беа поставени и во однос на работата на општината во насока на унапредување на животната средина. На прашањата поставени од граѓаните одговараа дел од раководителите на сектори.

-Буџетот на општина Тетово за инвестициски капитални работи изнесува 5,8 милиони евра. Ние во прва фаза за потребите низ градот имавме состаноци со советниците и сега ги слушаме предлозите на граѓаните. После тоа ќе ги хармонизираме две страни и ќе се одлучи каде ќе се даде приоритет, изјави Беким Мемети, претседател на Советот на општина Тетово.

Средства во висина од 25 милиони денари за експропријација, 10 милиони денари за Генерален урбанистички план и слично се дел од ставките во буџетот за кои првично се предвидени износи за реализација.