Апостолска: Со законски гаранции ги охрабруваме компаниите да инвестираат во технологија и нови работни места

Со цврсти законски гаранции ги олеснуваме и охрабруваме инвестициите на компаниите во технолошко унапредување и отворање нови работни места, порача министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска при денешната посета на швајцарската компанија „Даниел Рухти“.

– Потребите за континуирано техничко и технолошко унапредување на производствените процеси од страна на компаниите, со цел зајакнување на нивните конкурентни капацитети на светските пазари, беше препознаено од страна на Владата и ставено во фокусот на политиките за поддршка на инвестициите. Воведувањето на нови технологии, повисокиот степен на автоматизација во работењето станува од суштинско значење за развојот на стопанството. Затоа со Планот за економски раст се нуди финансиска поддршка за инвестиции кои се реализираат во овој сегмент, истакна Апостолска.

Од Кабинетот на министерката информираа дека на средбата со менаџментот на компанијата станало збор и за проблемот со работна сила, кој се нотира од страна на бизнис секторот. Министерката Апостолска информирала за владините програми во делот на дуалното образование и прилагодувањето на наставните програми во средното стручно образование, со кои на учениците им се овозможува развивање вештини и стекнувања знаења преку изведување практична работа во успешни компании.

„Даниел Рухти“ е компанија со странски капитал од Швајцарија, производител на дрвена и ПВЦ столарија, целосно наменета за извоз. Компанијата од 2018 година е корисник на финансиски средства согласно мерките содржани во Законот за финансиска поддршка на инвестициите.