Со тематска работилница „Пристапност“ и со посочување на потребите и проблемите, лицата со телесен инвалидитет во земјава на средба во Прилеп го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со попречености.
Попреченото движење по тротоарите и непристапност до одредени државни и, пред сѐ, до образовните институции, како и несоодветните ортопедски помагала се главните проблеми за чие решавање е потребен ангажман на локалните заедници и на државните институции, констатираа од Сојузот на здруженијата на телесноинвалидизираните лица „Мобилност Македонија“
Претседателот на Сојузот Бранимир Јованоски, изјави дека оваа година напорно работеле на две теми: пристапноста и ортопедските помагала и посочи дека е во тек носење на законот за градење.
-Нашиот Сојуз во интензивна комуникација со Министерството за труд и социјална политика преку свои предлози и сугестии се обидува да го подобри предлог-текстот на законот за да се овозможи пристапноста, бидејќи архитектонските бариери се основна пречка за целосна социјална инклузија на лицата со телесен инвалидитет. Искрено се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и конечно нема да разговараме дека сите рабници на тротоарите и на пешачките премини треба да бидат спуштени и дека мора да има доволен број обележани паркинг-места за возила за лицата со инвалидност, дека во влезовите во станбено-деловните објекти мора скалите да бидат премостени со пристапни рампи, со платформи и лифтови за да може да ги користат лицата со телесен инвалидитет кои се движат со количка или отежнато, изјави Јованоски.
Според него, има подобрувања во пристапноста низ државава, но не со динамика која ја тие ја посакуваат, особено во објектите каде што се изведува настава за средно и за високо образование. Тоа автоматски, рече, значи дека тие не може да се едуцираат и да се стекнат со знаења и вештини и да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
-Законот е во ред, но проблемот е во спроведувањето на законите. Има одличен правилник за непречена пристапност до и во објектите, но, за жал, малку се почитува. Мислам дека инспекциските служби треба да си ја завршат својата работа и да не даваат употребни дозволи за објектите каде не се запазени мерките за пристапност. Пред два дена во Владата посочивме дека Министерството за транспорт и врски, пред да го стави на Влада нацрт-текстот на предлог-законот за градење, да дозволи да го видиме и на заеднички состанок да направиме сугестии, објаснува Јованоски.
Што се однесува до ортопедските помагала, Сојузот веќе три години интензивно преговара со Фондот за здравствено осигурување за проширување на понудата.
– Има солиден напредок во однос на протетиката. Со измените од пред еден месец, лицата кои се со натколена ампутација добија можност да се додаде компонента при изработката на протезите да биде хидраулично, пневматско повеќеосовинско колено, за разлика од поранешните механички колена. Исто така, добија можност за динамично стапало што значително го подобрува движењето, а допуштена е можноста за добивање „електронско колено“ кое е многу скапо и компјутерски го регулира движењето. Но, од друга страна, се уште не се впишани стандардно лесните и активни инвалидски колички и имаме најава дека тоа ќе се случи наскоро, во почетокот на 2020 година, рече Јованоски.
Стеван Ангелески, претседател на Здружението на телесни инвалиди од Прилеп вели дека десет години се борат за спроведување на она што е пропишано со Конвенцијата, но досега е срповедено само 30 насто.
-Во последниве години во Прилеп состојбата со пристапноста се подобри, но сѐ уште има институции каде не е така. На пример, Фондот за здравство. Тие се стари градби. Направивме напори да излезат вработените кога имаме потреба, ама ниту тоа е решение. Инсистираме сите градби што се градат да имаат пристап за инвалиди. Тоа ни е најголем проблем. Имаме и доста училишта од постарите кои се непристапни. Или има направено рампа под неможен агол која не може да ја помине здрав, а не инвалидизиран човек. Се бориме десет години. Конвенцијата е потпишана, а не е направено 30 насто од неа, изјави Ангелески.
Горан Сопасов е со ампутирана нога. Посочува дека голем сегмент од ортопедските помагала не ги задоволуваат квалитетите, особено инвалидските колички.
-Имам ампутирана нога. Проблемите се големи, а најголем е пристапноста. Во поглед на архитектонските барирери, помагалата, едноставно, пристапноста, дури и во домовите. Нема систем во државава да ни ја олесни пристапноста. Голем сегмент од ортопедските помагала не го задоволуваат квалитетот кој е пропишан со гаранциите и не одговараат на тоа колку време треба да бидат функционални. На пример, една инвалидска количка треба да се користи пет години, но веќе по шест месеци е разнишана и не функционира. Не му следува нова количка, нема сревис за неа. Проблем се и гумите. Инаку, немаме стигматизација помеѓу луѓето. Прифатени сме, помагаат. Проблемот е со државните, јавните институции: банките, училиштата, изјави Спасов.
Во земјава има вкупно 17 здруженија, од кои едно неактивно, а Сојузот има над 8 000 активни членови. Според Светската здравствена организација, 15 отсто од популацијта се соочува со некаков вид телесен инвалидитет.