Обединетото Кралство целосно ја поддржува Република Северна Македонија, а земјата со спроведувањето на реформите во согласност со вредностите на НАТО и ЕУ целосно го заслужува своето место во евроатлантските демократски сојузи, било истакнато на средбата меѓу премиерите на двете држави Борис Џонсон и Зоран Заев, што се одржа во Лондон на маргините на Самитот на НАТО.
Заев на средбата нагласи дека Северна Македонија нема алтернатива за овие процеси и дека во изминатите две години беше фокусирана на исполнување на сите неопходни услови за да покаже дека е подготвена за полноправно членство во НАТО и ЕУ.
На средбата двајцата премиери ја истакнаа определбата за долгорочно зајакнување на односите меѓу двете земји како потврда за меѓусебното блиско пријателство и взаемна поддршка, сега и во рамки на сојузништвото во Алијансата.
Премиерите Заев и Џонсон ја издвоија заедничката посветеност за продлабочување на економските и трговските односи меѓу двете земји, како и на поддршката за развој и унапредување на регионалната соработка.