Одделот за физикална медицина и рехабилитација од Oпштаta болница во Куманово доби нови реновирани простории и е сместен во просториите каде претходно беше сместена ортопедската амбуланта. Реновирањето, соопштија денеска надлежните од оваа јавна здравствена установа, е извршено со сопствени средства. Одделот за физикална терапија, претходно 18 години беше сместен во стара барака од 1965 година.
-Просторот е пренаменет откако се преселија хируршката и ортопедската амбуланта во новиот Ургентен хируршки центар. Употребени беа тековните материјални ресурси и човечки потенцијал. Средствата за реновирањето беа минимални. Екипата е одлична и посветена на работата и сега има добар простор за пружање на соодветна грижа на пациентитем изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.
Одделот за физикална медицина и рехабилитација со години беше сместен во времен објект, барака со дотраена инфраструктура, покривот пропушташе вода, а условите за работа во тој објект, оценија надлежните од кумановската болница, беа субстандардни.
На одделот за физикална медицина и рехабилитација, информираше доктор Славчо Филиповски поминуваат сите возрасни категории граѓани, почнувајќи од новороденчиња, а секоја година се зголемува обемот на работа. Новите простории ќе придонесат за квалитетно пружање на здравствена нега.
– Деведесет и девет проценти од упатените пациенти ги сработуваме, воопшто не ги ни препраќаме да одат на повисоко ниво.Имаме од 6.000 до 7.000 специјалистички прегледи и контроли годишно. Оваа година досега изработени имаме 5.272 специјалистички прегледи од кои 4.544 се специјалистички, а 728 се контроли. Бројката ќе биде поголема. Досега имаме завршено 120.808 електро терапии тепарии, 4.217 масажи, 10.831 активни вежби, 513 пасивни вежби со помош на терапевт, 334 магнет и 3.283 ласер терапии. Магнетот и ласерот пациентите си ги плаќаат приватно не е на трошок на Фондот и тие средства остануваат за болницата. Ги покриваме пациентите од целиот регион, Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Виница, додаде Филиповски.
На дневно ниво во ординацијата поминуваат од 50 до 60 лица.