КИРОВСКИ ВО “ШПИЦОТ” НА РАБОТНИЧКИ

Работнички успеа во овој зимски преоден рок да се засили со еден искусен и квалитетен напаѓач. Станува збор за Христијан Кировски кој порано беше нивни член, а кој во последниве две години настапуваше во Тајланд.

Со неговото враќање во редовите на “романтичарите” засилен е нападот, од кој се очекува оваа полусезона да биде многу поубоит отколку во есенската полусезона.

-Среќен сум што најдовме заеднички јазик со управата на клубот. Ќе се трудам максимално да ја оправдам довербата и да му помогнам на клубот да ги исполни зацртаните цели оваа сезона – изјави Кировски по потпишување на договорот.

Задоволството не го крие ни спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски:

-Успеавме да постигнеме договор со Христијан Кировски кој е квалитетен и искусен напаѓач. Сигурно ќе ни биде од голема помош пролетва-вели Поповски.