Прилеп доби детско игралиште во Паркот на револуцијата како награда за прогласувањето на градоначалникот Илија Јованоски за Нај-еко градоначалник за 2018 година, а Прилеп за Нај-еко општина за 2018 година. Акцијата ја организираа „Пакомак“ во соработка со „Шпаркасе банка“.
Игралиштето денеска и официјално беше пуштено во употреба. Според прилепскиот градоначалник, Јованоски, главен приоритет за општината е заштитата на животната средина.
-Заедно со комуналните претпријатија правиме напори да ги подобриме услови за живеење на нашите граѓани. Со овие чекори што ги преземавме досега, како и со оние кои што се зацртани за во иднина, покажавме дека знаеме и дека можеме тоа да го направиме. Прилеп беше прогласен за НАЈ-екооштина за 2018 година. Со посветеност работиме на подобрување на енергетската ефикасност во сите детски градинки и во училиштата. Прилепски „Комуналец“ во континуитет учествува во подобрување на животната средина во градот со чистење на каналите на Градската река, на Дабничка Река, чистење на сите диви депонии, изјави градоначалникот Јованоски.
Тој додаде дека Општина Прилеп и „Комуналец“ се први во примарната селекција на отпадот, а набавиле и камион за собирање на отпадот и преса за пакување на пластичниот отпад. Набавени се и четири нови автобуси на метан, а во употреба се и две фотоволтаични централи во Центарот за лица со детска парализа, како и во дел од Градскиот пазар, со што, рече, покажавме дека се грижиме за здрава и чиста животна средина во нашиот град,
Според Генералниот извршен директор на „Шпаркасе банка“, Глигор Бишев, Банката и „Пакомак“ заедно, повеќе години работат на подигнување на свеста за здрава животна средина, за еколошко живеење.
-Го организиравме настанот „НАЈ Еко општина за 2018 година“, за општина која има највисоки стандарди во зачувувањето на човековата околина, грижата за зеленилото и за здравото живеење и задоволство е што оваа награда ја доби Општина Прилеп. Продолжуваме да ја подигаме свеста на граѓаните за оваа проблематика. Ова признание е, не само за градоначалникот Илија Јованоски, туку и за сите граѓани на Прилеп кои покажаа како е да се живее во здрава и чиста животна средина, рече Бишев.
Ико Брдароски од „Пакомак“ смета дека другите општини треба да го следат примерот на Прилеп.
– Со бројките со кои ние располагаме за собрана амбалажа на отпад на ниво на Македонија, може да кажам дека многу општини од Прилеп може да учат како да се собира амбалажниот отпад и како да придонесат тој отпад да не завршува на депонија, туку во фабриките за рециклирање, рече Брдароски.
Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски се победници на конкурсот за НАЈ Еко градоначалник за 2018 година, која ја заслужија со придонес во селективното собирање отпад, овозможување на собирање стакло преку „HoReCa – сегментот“, со бројни инвестиции за зазеленување на големи површини, како и за постигнувањето здрава и одржлива животна средина и за намалувањето на необновливиот отпад.