Пендаровски: Разговарав и со бугарскиот цар Симеон Втори за да помогне Шпанија побрзо да го ратификува Протоколот за НАТО

Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави оти се надева дека Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО до крајот на декември, и оти за тоа во изминатиот период имал повеќе формални и неформални комуникации.

Во однос на тоа дали кога ќе заврши ратификацијата во Шпанија и нашиот Парламент ќе успее да го ратификува Протоколот, до неговото распуштање на 12 февруари, Пендаровски вели дека е поважно да се фокусираме на она што се случува во Шпанија.

– Да не се исцрпуваме толку во правно толкување дали може или не може да не може. Треба да се сконцентрираме на тоа што се случува во Шпанија. Таму има некаков почетен успех за нова коалиција на власт. Двете најголеми партии потпишаа Меморандум за разбирање, меѓутоа им требаат еден или два политички субјекти за да оформат мнозинство. Факт е дека шпанскиот Парламент сега е подиверзифициран отколку што беше пред овие избори, и дека веројатно по дефиниција потешко ќе состават влада. Сосема е небитно дали ќе биде јануари, февруари или март. Оној момент кога Шпанците ќе ратификуваат останува само нашата одлука бидејќи и ние треба да ратификуваме за да конечно депонираме во Вашингтон, вели Пендаровски.

Рече дека во изминатиот период имал формални и неформални комуникации со сите кои можеа да помогнат во оваа ситуација.

– Неодамна разговарав на оваа тема во однос на тоа дали некој може да ни помогне во оваа техничка ситуација во Шпанија, и со бугарскиот цар Симеон Втори, кој целиот свој живот го помина во Шпанија, шпански државјанин е и има исклучително добри конекции со владејачката структура. Тоа е неформална комуникација, меѓутоа сакавме навистина да бидеме сигурни како држава дека се што е до нас сме направиле и очекуваме добри вести, изјави Пендаровски.

Рече дека никој не може да оди преку уставните лимити, но и натаму ќе се обидуваат како држава на секаков можен начин да се случи ратификацијата.

– Во два наврати разговарав и со Хавиер Солана кој е еден од патријарсите на шпанската политика, меѓутоа очигледно дека засега тие политички уставни лимити таму се такви што  не можат да бидат пречекорени, но и натаму ќе се обидуваме на некаков можен начин и со техничка Влада и со технички Парламент ако е возможно технички да се случи таа ратификација бидејки нам тоа многу ни значи, бидејќи со тоа ја затвораме најважната стратешка цел која ја чекаме од 1993 година, оцени Пендаровски.

Во однос на амбасадорското место во НАТО, рече дека се надева оти координациите во рамки на Владата ќе завршат наскоро, можеби и во наредната недела до две, и потоа тој треба да добие официјален предлог.

– До овој момент немам никаков предлог на хартија. Се надевам дека тие координации ќе завршат наскоро. И сакам македонската јавност да го знае тоа. Наредните три до четири дена, најдоцна до понеделник, во координација со Министерството за одбрана ќе назначиме главен воен претставник во Алијансата и тоа мора да го направиме затоа што е исклучително битно станува збор за воено-политичка акредитација, не велам дека не треба да имаме и амбасадор, меѓутоа прво што ќе направиме, и тие координации се практично завршени, ќе поставиме највисок наш висок воен претставник и тоа ќе биде уште еден симболизам што сакаме тоа да се случи пред нашата делегација да тргне за Лондон на Самитот на НАТО што е закажан за 4 декември, истакна Пендаровски.