Мицкоски: Наскоро ќе имаме детаљна политичка понуда и визија како Македонија ќе изгледа за десет години

Денеска сме во Општина Центар, во Скопје, разговараме со центарци за денешното секојдневие во Македонија, за проблемите коишто се дел од нашиот живот. Доколку има и убави работи, сакам истите тие убави работи да ги дознаеме, нормално се разбира доколку има такви, а доколку нема такви убави работи тогаш би сакале да зборуваме и за проблемите. Бидејќи преку проблемите и ние учиме и вие учите од нас, тие проблеми практично треба да бидат дел од нашата предизборна програма, а ние како политичка партија како ВМРО-ДПМНЕ, како предводници на опозицијата и на Коалицијата за Обнова на Македонија да понудиме соодветни решенија кои што ќе бидат решенија за тие проблеми кои што се дел од секојдневието на нашите сограѓани.

Веќе трет месец сме ширум Македонија, почнувајќи таму некаде од крајот на месец септември разговараме со нашите сограѓани. Започнавме од Битола, поминавме илјадници километри, поминавме десетици градови, поминавме стотици села, разговаравме со илјадници наши сограѓани, добивме повеќе од 30 илјади писма, препораки, совети проблеми, барања за решенија. Навистина од оваа призма, денеска кога би судел за тоа како започнавме и од каде започнавме можам да кажам дека навистина оваа акција Разговори за обнова на Македонија која што ја започнавме таму некаде крајот на месец септември вроди со плод и донесе резултати. Практично го дознавме сето она кое што да бидам искрен во најголема мерка и го знаевме, но дознавме и многу нови моменти кои што треба во периодот кој што следува да понудиме решенија како политичка партија, која што ја предводи најголемата коалиција во Македонија, а тоа е коалицијата За обнова на Македонија. Но тоа што е поважно, тоа ќе биде победничка коалиција која што ќе ја формира идната влада на Македонија после изборите во април 2020 година.

Често велат само критикувате, не нудите решенија, често велат дека знаеме не ја бидува оваа влада, не го бидува Зоран Заев, не ги бидува овие малкумина кои што останаа околу Зоран Заев, но да видиме што е тоа што вие како ВМРО-ДПМНЕ како коалиција За обнова на Македонија ќе го понудите пред граѓаните. Мојот одговор е секогаш стрпете се, многу скоро ќе дојде нашата програма бидејќи, се уште трат разговорите со граѓаните, се уште трае нашата активност, наречена Разговори за обнова на Македонија која што ќе заврши таму средината на декември месец.

Така што многу скоро отсега ќе ја имаме деталната политичка понуда која што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја понуди пред граѓаните. Таа политичка понуда нема да биде тоа што денеска Зоран Заев го нуди, а тоа е понуда која што ќе содржи само празна реторика, ветувања за се и сешто практично. Тоа ќе биде понуда која што ќе содржи во себе стратегија и визија како Македонија ќе изгледа од сега за 10 години, па уште за 10 години. Тоа е програма која што практично ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе им ја понудиме на граѓаните, а со тоа ќе понудиме и иднина, предвидлива за нашите сограѓани. Нема да се расфрламе со буџетот како што тоа го прави Зоран Заев. Нема да имаме ветувања уште само бесмртност што нема ветено, буквално се друго има ветено. Туку ќе понудиме нешто кое ќе биде надвор од секојдневието за овие наши балкански услови, ќе биде нешто револуционерно, нешто кое што за прв пат ќе биде понудено во Македонија, а ќе се содржи во следната програма за обнова на Македонија.

Но суштината ќе биде содржана во два дела. Првиот дел ќе биде владеење на правото и бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата и нулта толеранција за корупцијата, а вториот дел ќе биде практично делот кој што ние го насловивме диги Македонија или дигитализирана Македонија, држава која што ќе биде практично единствениот таков пример на Балканот. Целосно дигитализирана држава на Балканот. Тоа се двете суштински работи кои што ќе ги понудиме на следните предвремени парламентарни избори.

Зошто токму овие две работи кои што можеби вака делуваат помалку невообичаено за една изборна кампања? Затоа што ова се основните два столба врз основа на кои се гради една правна држава, едно правно општество кое што ќе се развива во вистинска траекторија. Бидејќи вие ако имате гарантирање на владеењето на правото, ако имате нулта толеранција на корупцијата, а истовремено имате целосна дигитализација и практично отчетност во процесите без разлика дали станува збор за локалната или централната власт, тогаш ќе имате инвеститори кои што ќе дојдат, ќе имате повеќе пари во економијата, ќе имате повеќе пари во буџетот кои што ќе се акумулираат, а со повеќе пари во буџетот, вие ќе имате поголема можност за инвестиција во образованието, поголема инвестиција во здравството и во земјоделието, поддршка за пензионерите поддршка за младите за да почнат некој старт ап, да отпочнат некој бизнис во Македонија. Ќе имате повеќе пари за екологијата, ќе имате повеќе пари за јакнење на патриотскиот дух, ќе имате пари за јакнење на третиот столб, а тоа е македонизмот, враќање на македонизмот во Македонија. Тоа се основните два столба на кои што ќе го придодадеме и третиот, а тоа е промоција и враќање на македонизмот назад во Македонија. Сето она кое што досега го нема.

Се сеќавам на изборите во 2016 година, предвремените парламентарни избори во 2016 година кога ветуваа правда па велеа ќе немало правда немало мир и така натаму а денеска практично сме сведоци на една од најголемите коруптивни афери во поновата историја на Македонија а тоа е аферата која што јавноста ја нарече кеш. Гледате како едно цело обвинителство почнувајќи од првиот па до последниот практично од првиот ден па се до ден денеска бил мал корумпиран вилает на Зоран Заев со ваши пари со пари на граѓаните. гледате како кога народот практично има леб и сол кога неправда владее на улиците кога луѓе се затвараат се уценуваат и притискаат како резултат на политички прогон. Вие гледате како оние заштитници на ликот и делото на Зоран Заев инсталирани во институцијата Специјално Јавно Обвинителство безсрамно ги крчмат парите на граѓаните. И потоа ќе немало правда и ќе немало мир. како да има правда како да има мир кога вие имате обвинители кои што месечно, месечно си делеле повеќе од 5000 евра. Вие имате обвинител специјален јавен обвинител кои што треба да биде симбол за правдата кој што треба да биде борец за правдата и практично сето она кое што го велеа во минатото а тоа е дека постоела неправда дека тие ќе ја донеселе правдината, си исплатила самата на себеси хонорари во вредност од 150 илјади евра. Ни помалку ни повеќе точно 153 000 евра си исплатила хонорари надвор од платата која што не е морам да признаам ни малку, ни малку скромна ни малку мала туку напротив е исклучително висока споредбено со условите во кои што живее денеска просечниот граѓанин во Република Македонија.

Имате обвинители кои што наместо да се бореле за правдата си делеле хонорари месечни по основ на тајност од десетици илјади евра па вториот на листат ќе го видете со 123 000 евра третиот на листата ќе го видете со 118 000 евра и се така до последниот кој што земал скромни 76 000 евра. Додека народот гладува додека народот мака мачи како да скрати од први до први, додека младите ни се иселуваат додека луѓето заедно со нивните семејства ги полнат куферите и ја напуштаат трајно Македонија. Додека тоа се случува преку телото кое што денеска претставува симбол за корупцијата тоа е специјалното јавно обвинителство Зоран Заев ги трошел вашите пари.

СДСМ и владата ги трошеле вашите пари, парите на граѓаните, од институцијата која што требаше да биде симбол, денеска се претвори во институција која што е најголемиот срам на Македонското општество. И затоа ние денеска наместо да зборуваме за успеси наместо да зборуваме за правда наместо да зборуваме за правдина наместо да зборуваме за почитување на законите и функционален систем ние денеска зборуваме за аферата кеш. Аферата кеш која што не смее да биде заборавена ниту да биде одмината аферата кеш која што денеска ни е главна вест на медиумите во Македонија. Наместо ние да зборуваме која афера криминална е разрешена ние денеска зборуваме во колкав криминал се заглавени тие кои што треба да разрешуваат криминални афери, и сето тоа силно спонзорирано и сето тоа силно поддржано од Зоран Заев.

Се сеќавате кога преговаравме за законот за јавното обвинителство кога Зоран Заев велеше дека стои целосно позади интегритетот и кредибилитетот на Катица Јанева и Катица Јанева е неговата црвена линија. И затоа денеска секој треба да ја погледа сликата на Катица Јанева со качулката на глава. Тоа е сликата на сите овие слуги кои што денеска му слугуваат на Зоран Заев. Таа слика ги чека Зоран Заев на крајот за да се спаси себеси и малкумината околу него обожаватели е подготвен сите нив сите слуги од прв до последен да ги наметне во една таква качулка и тоа треба да биде примерот кој што не треба да го следат. Имаме време 12 април е за неколку месеци од сега немојте и вие да продолжите да му слугувате на Зоран Заев затоа што крајот е таков каков што го имаше Катица Јанева со качулката на глава и со лисиците на раце. Затоа што нема друга алтернатива. Предложивме на преговорите за новиот законик една нова измена која што ќе биде согласно европската пракса, измена која што ќе воспостави нови принципи на политичката сцена во Македонија.

Ајде да воведеме институт кој што ќе го наречеме кандидат за мандат, или кандидат за носител на мандат имаме парламентарни избори имаме носител на единици ќе имаме носители на тие изборни единици ајде да видиме кој ќе биде кандидат за носител на мандат, или како што тоа е пракса во Европа како што тоа е пракса на веќе завршените избори за европскиот парламент кој што ние го нарекувавме шпицен кандидат или кандидат за носител на мандат. Тој што ќе победи има право да ја формира владата составот и да ја води Македонија во следните четири години. Тој што ќе изгуби да не се крие позади пратеничкиот мандат туку веднаш да ја напушти политиката и да се соочи со одговорноста на сопствениот пораз. Тоа е она што вчера го предложивме јавно тоа е она што денеска исто така за време на преговорите го предложивме.

Ајде да видиме кој е кандидат носител за мандат за формирање на идната влада на Македонија, кандидатот политиката негова, спроти противкандидатот и неговата политика. Тој што ќе победи е идниот премиер, а тој што ќе загуби заминува во политичката историја и треба да се соочи со одговорноста на сопствените политики без разлика дали тоа биле опозициони политики или тоа биле владини политики. Да се не криеме позади пратеничкиот мандат и позади пратеничкиот имунитет, да излеземе очи во очи, гради во гради со граѓаните, да го понудиме тоа што имаме да го понудиме и да се соочиме со резултатот пред граѓаните, да не се криеме во парламентот.

Третиот стол многу значаен којшто го споменав, тоа е столбот за македонизмот, бидејќи ние денеска трета година по ред имаме општество коешто е понижено, држава којашто е омаловажена со подведена кичма како што велеше тогаш еден опозиционер, дека требало да ја свиткаме кичмата. Држава којашто е опустошена, криминал , корупција, неправда, несреќи, раселување, не ги видов сопствениците на оние чевли коишто ги редеа пред владата да дојдат да ги облечат. Напротив, гледам уште повеќе такви чевли пред владата. Илјадници наши сограѓани ја напуштаат Македонија, како никогаш до сега 2018-тата година е рекордна година кога нашите сограѓани ја напуштиле Македонија заедно со сопствените семејства, повеќе од 33.000 се трајно отселени , рекордно како никогаш до сега. Државата ни е засрамена, затоа е потребно како никогаш порано, да го вратиме македонизмот назад во Македонија. Македонизмот и во економијата, македонизмот и во културата, македонизмот и во земјоделието , и во секојдневниот живот, затоа што ние сме горди Македонци коишто говорат македонски јазик и се од Македонија. Само така можеме да одиме напред ако знаеме кои сме и што сме, и за што сме.

Но, не македонизмот како ексклузивно право само на македонската нација, затоа што ние тука сме се родиле сите, без разлика на различната вера, без разлика на различната етничка припадност, сите сме се родиле во Македонија. Тука сме се образувале, тука сме ги поминале нашите животи , тука сме се радувале, тука сме тагувале, и претпоставувам најголемиот дел од нас тука и ќе ги завршиме нашите животи. Единственото нешто што секој од нас и го должи на Македонија е да си го постави прашањето, што можеме ние да направиме за нејзе, а не што може таа да направи а нас. Тоа е македонизмот којшто ние го промовираме и ќе продолжиме да го промовираме, да продолжиме да ја направиме Македонија горда, како за промена. Доста ја понижуваа, доста ја пљачкаа, и доста ја омаловажуваа.

Кога беа опозиција се сеќавате недалеку оттука на едно место сочувствуваа на еден трагичен настан, на еден прерано згаснат млад човечки живот, коленичеа во домовите на неговите родители, ја злоупотребуваа тагата , маката на луѓето, ветуваа дека само што не дошле на власт веднаш вистината ќе излегла на виделина. Но, знаеле тие каква била вистината. Се случи уште еден трагичен настан исто така коленичеше и таму пред родителите, ги лажеше дека знаел што се случило на Смилковско, дека тоа не било така како што им го кажувале на родителите. Ја злоупотребуваше маката, ја злоупотребуваше човечката судбина, само за да дојде до таа пуста фотелја и таа пуста власт, само за да може себеси да се амнестира од злоделата коишто ги правеше како градоначалник, само за да може да интервенира во законот за јавни набавки да можат тендерите во четири очи да врват. Ги злоупотребуваше човечките судбини, ветуваше дека тој го знаел одговорот, а денеска трета година е премиер. Единствената работа којашто е поврзана со овие случаи е тоа што сторителите на овие грозоморни настани денеска се на слобода и пребегани од Македонија. Таква Македонија ние не признаваме и за тоа мора да има одговорност, а после победата на 12-ти април 2020-тата јас ви ветувам дека ќе има правдина и одговорност.

Одговорност без разлика на политичката припадност, без разлика на етничката припадност, одговорност без разлика дали сте политички определен или политички неопределен. Секој оној којшто се огрешил пред законите дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ или Алијанса или било која друга политичка партија ќе одговара. Секој оној којшто се огрешил пред законите и којшто се посрамотил пред граѓаните, ќе одговара. Дали бил блиску до мене или подалеку, дали некогаш бил во ВМРО-ДПМНЕ или не бил, дали некогаш бил во СДСМ или не бил, секој оној којшто се огрешил пред законите и осрамотил пред граѓаните ќе одговара. Мора да почнеме да го ресетираме општеството, мора да почнеме со принципот нула толеранција за корупцијата и решение за неправдата ,безусловна правда и правдина.

Праќаат и курири, праќаат и гавази коишто велат ајде да се пазариме, да видиме како да се договориме. Пораката којашто секаде во Македонија им ја испраќам, ќе ја испратам и од овде, од центарот на мојот град, од градот убав Скопје, од преубавиот Центар. Образот нема цена, образот нема цена којашто вие со вашите рекетирани жолтици можете да ја купите. Има да одговарате од прв до последен, за сето она што му го направивте на македонскиот народ и на граѓаните на Македонија.

Не ги праќајте попусто куририте да се срамуваат и да коленичат. Одговорот е дека мора еднаш за секогаш, на политичките измамници, на криминалците, арамиите во политиката да им ставиме крај. Или си политичар патриот, родољуб кој што работи и е слуга на граѓаните или ќе се занимава со бизнис и ќе бидеш бизнисмен.

Две работи од еднашка не може. Не може и политика која што ќе ја злоупотребуваш за да водиш бизнис. Или ќе бидеш слуга на граѓаните или ќе си тераш тоа што си наумил, а тоа е бизнисот.

Затоа ви порачувам немојте да ги мачите луѓето да доаѓаат, да се црвенеат, срамат и да тонат, да пропаѓаат во земја. Милост нема да има кон ниту еден што се огрешил пред законите и што се осрамотил пред граѓаните.

Мора да има безусловна правда, безусловна правда за сите и засекогаш во Македонија. Тоа ќе биде нашето мото на следните предвремени парламентарни избори.

Ветуваа воздух чист, ќе почнел да дише алпски воздух, веднаш штом ќе дошле тие на власт. Веднаш, истиот ден штом ќе дошле тие на власт во 2016-тата, ќе го видите вие оној нивен министер за администрација како држи прес конференција и вели: Веднаш после изборите доаѓа живот во Македонија. Ја формира владата СДСМ и почнува алпски воздух да дува, и веднаш почнува се да биде поинаку.

Што се случува денеска? Денеска трета година по ред градовите во Македонија бележат рекорди на светската скала. Никогаш Македонија не била позагадена. Никогаш Македонија не била поурнисана од тоа што е денеска. Без разлика дали е скопски Центар, Аеродром, дали станува збор за Тетово, дали станува збор за Битола, Струмица, без разлика дали станува збор за Велес.

Денеска, нашите генерации, граѓаните во Македонија дишат воздух кој што животот полека полека им го одзема. А веруваа. Веруваа дека само што не победил Зоран Заев и СДСМ и веднаш ќе почнел да дува свеж алпски воздух. Ќе го немало веќе загадувањето.

Тоа не се прави така. Не се прави ни со онаа ситна провизија која што некој сега треба да ја земе, затоа што ќе увезе десет илјади инвертот клима уреди. Не се прави тоа така. Треба да се има јасна стратегија, треба да се има визија и треба да се има програма.

Ние, нашата мерка која што ја предвидовме и во енергетиката, и во енергетската ефикасност но истовремено поврзана со подобрување на квалитетот на животната средина, е дел од нашата програма. И ќе ветиме дека во период од пет години, нема да донесеме чист алпски воздух. Тоа е невозможно. Не постои такво нешто. Нешто со години се растурало за пет години не можете да го решите.

Но, можеме да ветиме и да гарантираме дека најмалку за двојно ќе ја намалиме загаденоста и емисијата на штетни честички во атмосферата, без притоа да трпи економијата и стандардот на граѓаните.

Сето тоа ќе биде содржано во новата програма за обнова на Македонија. Методологија, принципи и начин како тоа да го направиме. Поврзано енергетски, еколошки и амбиентално кога станува збор за воздухот.

Ќе се грижиме за младите. Предвидовме даночно олеснување за сите плати до 29 години, кои што имаат годишно нето примање, не поголемо од шест илјади евра, 360 илјади денари. Ослободување од данок за сите млади до 29 години, персонален данок на доход. Но, не да остане тоа кај газдите, не тоа да остане кај стопанствениците, туку тоа е предвидено со механизам да им се врати на младите.

Наместо секој млад да има плата од 500 евра месечно просек, или триесет илјади денари, со механизмот кој што го предвидовме, секој месец има 33 илјади денари, и на начин на кој што нема да биде загрозена стратегијата во економијата и стратешкото позиционирање на стопанството во Македонија.

И нема да биде на товар на сите граѓани од буџетот, туку затоа што ќе имаме реален раст во економијата. Таа мерка ја предвидовме и ќе биде дел од новата програма за обнова на Македонија. Исто како што ќе биде и мерката за подобрување на амбиентот и амбиенталниот воздух во сите градови во Македонија.

Ние нема да градиме Клинички центар од половина милијарда евра, ние нема да се занимаваме со однапред доделени тендери во здравството како што беше оној се сеќавате жути 54 на Јахуу. Нема да додаваме такви тендери. Сето ќе биде испланирано со однапред дефинирана процедура, затоа што со половина милијарда можеме да изградиме и 12 Клинички центри во Македонија и сите да бидат функционални и да дадат европска услуга за здравството во Македонија. Провизии нема да има врз грбот на граѓаните, а секој што ќе се огреши ќе си плати пред законите.

И затоа сега ги предупредувам сите оние што се во таа тендерска комисија да внимаваат што потпишуваат до 3 јануари, затоа што после 12 април 2020 следи одговорност за тоа што денеска ќе го направите. Не му слугувајте на Зоран Заев и сетете се на сликата на Катица Јанева со качулката. Сите така ќе завршите вие што денеска му слугувате на Зоран Заев. Ги повикувам сите оние кои што денеска не се задоволно од ова што е политичко секојдневие од политиките на Зоран Заев и владата која што ја предводи СДСМ, да ни се придружат без разлика дали биле политички определени, без разлика дали некогаш биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, па се налутиле, па се пасивизирале.

Дојдете, придружете ни се, застанете рамо до рамо со нас. Ајде заедно да ја почнеме новата револуција во Македонија, ајде заедно да ја почнеме економската револуција, социјалната револуција, револуцијата во земјоделието, револуцијата помеѓу младите, револуцијата на улиците, на булеварите, по домовите.

Ајде да си ја ослободиме Македонија затоа што после 12 април започнува обновата на нашата Македонија.

Дојдете и придружете ни се сите, од прв до последен сте добредојден, дали сте Македонци, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи и да ми простат сите останати. Дојдете застанете со нас да се бориме и да победиме.

Победата е јасна и јасно се гледа на крајот од овој пат. 12 април е денот. 12 април е денот кога ќе ги поразиме толку жестоко, што нема да знаат што ги снашло.

Ајде заедно да ја победиме оваа влада во Македонија, бидете дел од револуцијата предводена и наречена Обнова на Македонија.

Да сте ми здрави и живо и да ни е здраво, живо и вековито Скопје и Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *