Според истражувањето во рамки на проектот „Action SEE“ за отвореност на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Северна Македонија заедно со Црна Гора е лидер во регионот по индексот на отвореност кој изнесува 78 проценти во однос на исполнувањето на индикаторите. Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја. Во 2016 година бевме на последното место со само 52 проценти исполнети индикатори.
Ова го истакна министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Робер Поповски на меѓународната конференција „е-Општество – Отворени институции и отчетност“ која се одржува денеска и утре во Скопје во организација на Фондацијата „Метаморфозис“.
Поповски вели дека Стратегијата за транспарентност што Владата ја усвои пред две седмици е стратешко плански документ кој е надградба за еден од суштинските столбови на политиките на Владата – зголемена транспарентност во поглед на секојдневното работење и јакнење на владеењето на правото.
Со неа, додаде Поповски, се опфатија и сите јавни претпријатија основани од Владата, но и сите акционерски друштва во државна сопственост.
– Така секој оној што располага со пари на граѓаните и врши дејност од јавен интерес ќе биде должен да се отвори пред нив и да објавува бројни информации и документи. Од особено значење е што спроведувањето на предвидените активности ќе биде мониторирано од работна група сочинета од седум членови во кои освен институциите ќе учествуваат и невладиниот сектор, медиумите и бизнис заедницата, појасни Поповски.
Тој посочи дека преку концептот „отворена влада“, создаваат демократски медиумски амбиент и преку активната транспарентност обезбедуваат непречен пристап до информации од интерес на граѓаните.
– Воведовме алатка за отчетност преку која граѓаните можат да ги следат трошењата на државните функционери. Го имплементиравме порталот „Отворени финансии“. Со порталот оваа Влада го отвори државниот трезор на Министерството за финасии и на увид на јавноста ги става сите минати, сегашни и идни финансиски трансакции на буџетските корисници од буџетот на Северна Македонија.
„Отворени финансии“, како што појасни тој, ги отвора пред граѓаните финансиските трансакции на државните институции од 2010-та па наваму, а сите идни трансакции ќе се покажуваат на секои 15 дена.
– Отворање на трезорот и сите податоци во него е една од клучните мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните, дополни Поповски.
Според него, со зголемување на транспарентноста и вклученоста на граѓаните во процесот на донесување на одлуки ќе се придонесе кон поефикасно и порационално трошење на парите на граѓаните, овозможувајќи на граѓанското општество и независните медиуми преку анализи и истражувања на проактивно објавените податоци да укажуваат на недоследностите или да предлагаат алтернативни, или поефикасни начини на трошењето на државните средства.
Директорката на Фондација Отворено Општество, Фани Каранфилова Пановска посочи дека се во процес на изработка на анализа на државното финансирање на граѓанските организации која има за цел да предложи начини и модели за реформирање на сисемот на државно финансирање.
– Во текот на тој процес сфативме дека големи средства во апсолутни вредности, не се тоа незначителни, можеби некои 0,30 проценти од буџетот, се наменети по разноразни основи за финансирање на граѓанските организации, а предмет на анализата беа пред се министертвата. Анализата покажа дека во процесот на програмирање на парите, во процесот на носење на одлуки за доделување на парите и во процесот на известување како парите биле доделени на граѓанските организации постои недостиг на транспарентност и отчетност на постапката во целина, вели Каранфилова Пановска.
Таа посочи дека поради тоа што Комисијата за пристап до информации од јавен карактер е година и пол нефункционална, односно нецелосно екипирана има застој во процесот на одлучување по жалбите.
– Тоа значи дека институциите си ја земаат таа слобода да не одговараат и тие трендови на зголемено неодговарање на институциите на барањата за слободен пристап до јавен карактер го гледаме и можеме да кажеме дека за втората половина на 2018-та процентот на недоговорени барања е зголемен на 15 проценти, ако претходно бил 4 посто неодговорени барања сега имаме зголемување. Според анализата, на една петтина од барањата органите не одговараат. Мислиме дека оваа неагилност на институциите се должи и на тоа што не постои второстепениот орган кој би го санкционирал ова нивно однесување, смета Каранфилова Пановска.