Основниот проект за изградба на секундарна гасификациска мрежа во Штип е во финална фаза, а деновиве од Министерството за животна средина е добиено и одобрението, информираше градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. Врз основа на оваа документација општината распишала и јавна набавка за изработка на инфраструктурен проект за гасификациската мрежа долга над 20 километри.
– Очекувам до крај на годинава да имаме готов основен проект и готов инфраструктурен проект, којшто ќе бидат доставени на Општина Штип на одобрување, вели Бочварски.
Техничката документација во која се вклучени идејниот и основниот проект за реализација на овој капитален проект за стопанските капацитети, институциите и и за граѓаните чини 826.000 денари.
-Ова е доста ниска сума којашто ја добивме како општина за изработка на овој проект, а додека инфраструктурниот проект е над 1.600.000 денари. Заедно тоа се околу 40.000 евра за пакет проекти, кои значат старт на изградба на мрежа и гасификација на Штип. Ние сме во најнапредна фаза во делот на проектирањето, вели Бочварски.
Откако општината ќе ја добие целокупната техничка документација, Бочварски најави оти ќе достават информација до Владата дека Штип е подготвен за проектот изградба на гасификациска мрежа.
-Од Владата ќе очекуваме насоки како да продолжиме за реализација на овој проект. Владата дава доста голема поддршка за обновливи извори на енергија, за почиста животна средина и очекувам да ни дадат и финансиска поддршка за изградбата, рече Бочварски.
Главната цевка од гасоводот кон Неготино, поминува покрај индустриските зони на Штип, а од бизнис секторот први пројавија интерес за користење на гасот.